Дебатата за европската иднина на Западен Балкан во Европскиот парламент донесе уште една порака што предизвика реакции кај бугарските европратеници.

Покрај известувачот за Македонија, Томас Вајц, поддршка за земјата искажа и португалскиот известувач во сенка Антонио Танжер Кореја.

– Повеќето од овие земји порано беа многу поблиску до ЕУ. Наша е вината, поради тоа што ги напуштивме. Во однос на Република Македонија, се согласувам дека ни е потребна во ЕУ, но нема потреба да се мешаме во нивниот политички систем и во нивната рамка. Тоа оди подалеку од Копенхашките критериуми, што не е прифатливо – рече Кореја.

Според него, ваквиот пристап не претставува политика на проширување.

– Ова не е политика на проширување, туку „раздели па владеј“. Ние не се согласуваме со какво било мешање во овие земји – додаде португалскиот европратеник.

Неговата изјава беше протолкувана како критика на барањата поврзани со внесувањето на Бугарите во македонскиот Устав.

Кореја е еден од известувачите во сенка за Извештајот за Македонија, назначен од Европската народна партија (ЕПП) да учествува во подготовката на документот и во преговорите за неговата конечна содржина.