Општина Демир Хисар обезбеди и ќе додели по 10.000 денари, еднократна финансиска помош за секој ученик кој ќе се запише во гимназиската струка во средното општинско училиште „Крсте Петков Мисирков“ во Демир Хисар.

Од Општина Демир Хисар информираат дека одлуката е на градоначалникот Никола Најдовски и со цел да се даде поддршка на учениците и нивните семејства.

-Станува збор за мерка која претставува дополнителен поттик за младите да го продолжат своето образование во нашата општина, а воедно е и инвестиција во нивната иднина и развојот на локалната заедница. Ги повикуваме сите идни средношколци да ја искористат можноста и да станат дел од СОУ „Крсте П. Мисирков“ – Демир Хисар, посочија од тамошната локална самоуправа.

Во учебната 2026/27 година во СОУ „Крсте Петков Мисирков“ Демир Хисар, во прва година може да се запишат 84 ученици во 3 паралелки со настава на македонски јазик. Во насоката гимназиско образование, за која се доделува еднократна финансиска помош од 10.000 денари може да се запишат 34 ученици, а уписи се вршат и за насоките за шумарство за 25 ученици, и таа се реализира во соработка со ЈП Национални шуми, подружница Бигла, како и насоката електротехника и информатички технологии која се реализира во соработка со АД ЕСМ РЕК Битола, а може да се запишат максимум 25 ученици.

Фото: Општина Демир Хисар