Премиерот Христијан Мицкоски денеска порача дека европратениците треба да го поддржат амандманот во кој билатералните протоколи се исклучуваат како формален составен дел од преговарачката рамка со ЕУ.

– Ако сака Европа да го задржи својот кредибилитет, тоа треба да го направи, треба да ја исправи неправдата што ѝ е нанесена на Македонија. Мислам дека тоа треба да се случи, европските пратеници треба да го поддржат и оној амандман во кој се нотираат придобивките и напредокот, но и оној дел во кој протоколите не се составен дел од преговарачката рамка. Ги охрабрувам и ги замолувам европратениците да се држат до европските вредности дефинирани од Шуман, Аденауер и Де Гаспери при формирањето на ЕУ – порача денеска премиерот Христијан Мицкоски.

Според него, за жал, некогаш вината треба да ја бараме и меѓу нас зашто во минатото имавме политичари медиокритети, кои им направија штета и на граѓаните и на државата.

– Но, затоа сега имаме генерација, и тука и во Европскиот парламент, која е подготвена таа штета да ја исправи – потенцира премиерот одговорајќи на новинарски прашања.

Во врска со критиките од бугарските пратеници и претседателката Илијана Јотова за палењето на бугарските дипломатски возила во Скопје, Мицкоски уште еднаш повтори дека Владата најостро го осудува овој чин. Очекува, како што рече, и дека ќе биде расветлено сè што е во заднина на овој случај.

– Владата го осуди тоа и веднаш го обезбеди лицето сторител на овој кривично-правен чин. Трае распитот, одземени се и уредите за комуникација, да видиме дали и со кого имал комуникација, која е содржината. Распитот èе уште трае. Не би брзал со какви било квалификации од страна на нашиот источен сосед, но најсилно го осудуваме како Влада и ќе постапиме во рамките на законските ингеренции, очекувам дека ќе биде расветлено сè што е во заднина на овој случај – напомена Мицкоски при посетата на реконструираната Општа болница во општина Струмица.

Фото: Принт скрин