Европска Унија официјално ќе го потпише својот историски трговски договор со Индија до крајот на годината, изјави денеска претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
– Од склучувањето на овој историски трговски договор, дејствувавме брзо за да ги исполниме нашите обврски. Ќе потпишеме договор за слободна трговија до крајот на годината, објави Лајен на платформата Икс.
Индија и ЕУ во јануари ги завршија преговорите за договор, кој ќе го отвори патот за слободна трговија со стоки меѓу 27-те земји-членки и Њу Делхи, поточно за да се намали нивната зависност од САД.
Потпишувањето до крајот на годината би можело да овозможи договорот да стапи во сила во 2027 година.
Според ЕУ, договорот треба да го удвои извозот на ЕУ во Индија до 2032 година со укинување или намалување на царините за 96,6 проценти, што ќе им овозможи на европските компании да заштедат четири милијарди евра на царини.




