Министрите за одбрана на земјите-членки на НАТО денеска ќе се состанат во Брисел, во услови на зголемен притисок од Вашингтон кон европските сојузници да ги зајакнат своите одбранбени капацитети и да обезбедат поголема поддршка за САД по војната со Иран.

САД минатиот месец соопштија дека повеќе нема автоматски да обезбедуваат одредени поморски и воздухопловни капацитети за европските сојузници во случај на конфликт, како дел од настојувањата Европа да ги зголеми издвојувањата за одбрана и да ја намали зависноста од американската воена поддршка.

Се очекува американскиот министер за одбрана Пит Хегсет во Брисел да ги повтори барањата на Вашингтон.

Средбата се одржува и во време кога европските сојузници разговараат за можна поморска мисија предводена од Франција и Велика Британија за обезбедување на пловидбата низ Ормуската Теснина по завршувањето на воените дејствија со Иран.

Откако САД и Израел го нападнаа Иран кон крајот на февруари, американскиот претседател повеќепати ги критикуваше партнерите во НАТО поради нивното одбивање директно да учествуваат во конфликтот.

Во зависност од развојот на ситуацијата на Блискиот Исток, сојузниците би можеле да донесат одлука за таква мисија на претстојниот самит на НАТО идниот месец во Анкара.

На денешната средба министрите ќе разговараат и за нуклеарното одвраќање, како и за натамошната поддршка на Украина.

По состанокот е предвидена донаторска конференција за обезбедување дополнителна воена помош за Киев. Со неа ќе претседаваат германскиот министер за одбрана, Борис Писториус и британскиот министер за одбрана, Ден Џарвис.