Украинскиот претседател Володимир Зеленски ги оцени вооружените сили на својата земја како практично „втора најсилна армија во НАТО“, пренесува ДПА.

Тој изјави пред новинарите дека „на НАТО му требаме ние“, објави украинскиот портал „Хромадске“. Тој додаде дека тоа е веќе факт што го признаваат сите шефови на држави членки на Алијансата.

Според Зеленски, во текот на одбраната од руската инвазија, украинската армија се покажала како повеќе од рамноправен противник на руските вооружени сили, кои во светот нашироко се сметаат за втора најмоќна армија.

Украина не е членка на НАТО, чија најсилна воена сила се САД, потсетува ДПА.

Една од јавно објавените воени цели на Москва е да го спречи пристапувањето на Киев кон западната воена алијанса, што е предвидено и во украинскиот Устав. Откако САД се обидоа да посредуваат во војната во Украина, напорите на Киев за членство во НАТО привремено беа ставени во мирување.

Зеленски, исто така, изјави дека рускиот претседател Владимир Путин ќе остане во Кремљ до својата смрт и дека неговата цел е обновување на Советскиот Сојуз, кој се распадна во 1991 година.

– Без Украина тоа е невозможно и затоа за нас, драги Украинци, е толку тешко – рече тој.

Во меѓувреме, украинските вооружени сили извршија напади врз железнички мостови на Крим, кој е под руска контрола, соопшти Генералштабот на Украина.

Во објавата на Телеграм се наведува дека мостовите во реоните на Роздолне и Владиславивка биле користени од руските сили за воени цели, односно за олеснување на транспортот и снабдувањето.

МИА