Кинеската компанија Џуебан (Jueban) неодамна го претстави паметниот тоалет Сјаобан-роботска ВЦ шолја која самостојно доаѓа до корисникот доколку тој не е во можност да стигне до тоалетот. Овој иновативен уред е создаден со вештачка интелигенција која му овозможува да се движи низ просторот, да избегнува препреки и самостојно да се чисти по употребата.
Благодарение на напредните системи за автоматизација и вештачка интелигенција, тоалетот сега може да дојде до корисникот, без разлика каде се наоѓа или дали има тешкотии со движењето. На овогодишниот Меѓународен саем за грижа на стари лица, помошни уреди и рехабилитациска медицина во Шангај, кинескиот бренд за технологии за пристапност Џуебан го претстави својот револуционерен производ, паметниот тоалет Сјаобан.
Станува збор за самостоен роботски тоалет со вештачка интелигенција, наменет, пред сè, за лица со инвалидитет, делумна подвижност или други физички ограничувања кои го отежнуваат користењето на класичен тоалет. Благодарение на 3Д системот за избегнување препреки, потпомогнат од вештачка интелигенција, ВЦ шолјата може самостојно да се движи низ домот и да стигне до корисникот кога е потребно.
По завршувањето на употребата, роботската шолја автоматски го активира својот ЛИДАР систем за навигација и самостојно се враќа до својата докинг-станица, каде што го празни отпадот. Специјално дизајнираната докинг-станица се поврзува со постојната водоводна и канализациска инфраструктура во домот. Отпадот се испушта во системот преку тивка дробилка која помага да се спречат потенцијални затнувања.
Откако ќе се испразни, Сјаобан активира автоматизиран систем за темелно самочистење. Процесот вклучува млазови вода под висок притисок и УВ-светлина, со што се обезбедува целосна дезинфекција и подготвеност за следната употреба. За дополнително подобрување на хигиената и удобноста, паметниот тоалет располага со напреден систем за неутрализација на непријатни мириси. Во него се вградени заштитна пена и филтри со активен јаглен кои придонесуваат воздухот да остане свеж и чист во просторијата каде што се користи.
Според првичните информации, роботскиот тоалет веќе е достапен на кинескиот пазар по цена од околу 13.000 американски долари. Засега е непознато дали и кога овој производ ќе биде достапен надвор од Кина.
Фото: Јутјуб – принтскрин




