Владата останува цврсто посветена на модернизација на јавната администрација, дигитализација на услугите и намалување на бирократските процедури, со цел институциите да бидат поблиски до граѓаните, порача денеска премиерот Христијан Мицкоски на настанот по повод Денот на јавната администрација.

– Денес оддаваме признание на една служба која е столб на секоја современа и успешна држава. Затоа што државата не е само Владата, не е само Собранието, не се само министрите и избраните функционери. Државата се и илјадниците луѓе кои секое утро ги отвораат вратите на институциите, кои ги подготвуваат одлуките, ги спроведуваат законите, ги услужуваат граѓаните и обезбедуваат системот да функционира – истакна Мицкоски.

Тој нагласи дека Владата е свесна за критиките на јавноста и за потребата од поефикасни услуги, но посочи дека одговорноста не треба да се сведува само на административните службеници, туку и на системските слабости што се создавале со години.

– Премногу долго граѓаните се соочуваа со институции во кои за едноставна услуга беа потребни денови, недели или месеци. Премногу долго се создаваше чувство дека системот е комплициран, бавен и недостапен. И тоа чувство со текот на времето прерасна во недоверба. Но, кога зборуваме за таа недоверба, мора да бидеме искрени и да кажеме дека проблемот не бил само во луѓето. Проблемот бил во начинот на кој системот бил поставуван и граден со години. Токму затоа нашата задача денес не е да бараме виновници за вчерашните слабости, туку да создадеме решенија за утрешните успеси – посочи премиерот.

Премиерот истакна дека задачата на Владата и институциите е да се изгради администрација која ќе биде сервис на граѓаните, а не бирократска пречка пред нивните потреби.

– Нашата задача е да изградиме администрација која ќе биде сервис на граѓаните, а не бирократска пречка пред нивните потреби. Администрација која ќе биде препознаена по брзината на услугата, по љубезноста на односот, по професионалноста во работењето и по ефикасноста во решавањето на проблемите. Администрација која нема да биде симбол на чекање, туку симбол на решавање. Светот денес се менува со огромна брзина. Новите технологии ги менуваат економиите, ги трансформираат институциите и создаваат нови очекувања кај граѓаните. Луѓето денес со право очекуваат услугите што ги добиваат од државата да бидат подеднакво брзи и едноставни како услугите што ги добиваат од приватниот сектор – нагласи тој.

Подвлече дека реформите во јавната администрација се неопходни за економскиот развој и зголемување на довербата во институциите, при што клучна улога имаат човечките ресурси и нивната професионалност.

– Токму затоа реформите во јавната администрација не се прашање на политички избор. Тие се прашање на неопходност. Не можеме да зборуваме за модерна економија ако имаме застарени административни процедури. Не можеме да зборуваме за конкурентна држава ако инвеститорите се соочуваат со административни бариери. Не можеме да зборуваме за доверба во институциите ако граѓаните чувствуваат дека системот не ги следи нивните потреби. Затоа Владата останува цврсто посветена на процесот на модернизација на јавната администрација, на дигитализација на услугите, на намалување на бирократските процедури и на создавање институции кои ќе бидат поблиску до граѓаните отколку кога било досега. Но реформите не можат да се спроведат само со нови закони и нови стратегии. Реформите ги прават луѓето. Тие зависат од секој службеник кој ќе одлучи да биде дел од промените. Тие зависат од секој раководител кој ќе избере резултатите да бидат поважни од формалностите. Тие зависат од секоја институција која ќе ја прифати културата на отчетност, одговорност и професионалност. Јас искрено верувам дека огромното мнозинство од вработените во јавната администрација се чесни, посветени и вредни луѓе кои сакаат да работат професионално и кои сакаат да бидат дел од позитивните промени во државата – објасни Мицкоски.

Премиерот порача дека успешната администрација е клучна за развојот на државата, нагласувајќи дека зголемувањето на инвестициите и довербата во институциите зависи од нивната ефикасност. Тој изрази уверување дека јавната администрација има потенцијал да стане двигател на позитивните промени и сервис ориентиран кон потребите на граѓаните.(МИА)