Земјоделската струка во Битола нема да згасне, туку ќе продолжи во Регионалниот училишен центар, информира денеска министерката за образование и наука Весна Јаневска.
По промоцијата на печатени учебници во ООУ „Љубен Лапе“ во општина Аеродром, таа појасни дека во средното земјоделско училиште „Кузман Шапкарев“ во Битола, во првиот уписен рок се запишале тројца ученици и оти согласно Законот, со три деца неможе да се формира паралелка, а тие ќе бидат распределени во други струки.
– Во моментов има запишано тројца ученици во тоа училиште, во прва година, Земјоделско училиште, а станува збор за Пелагонија, каде што земјоделството треба да се развива и доразвива. Сметам дека треба поголема ажурност од училиштето. По закон, ние не можеме да дозволиме паралелка со три ученици да постои. Тие ќе продолжат да си работат како втора, трета и четврта година, а од следната година ќе си оди оваа паралелка, односно земјоделската струка во Регионалниот центар, како што и планираме, како што и треба да биде, рече Јаневска.
Според неа, наставниците во тоа училиште не се потрудиле да привлечат деветтоодделенци, кои своето средно образование ќе го завршат таму.
– За жал, ги изневерија децата, наместо да се обидат и да си присоберат ученици, да промовираат во деветто одделение, да направат некаков тип на сензибилизација, не го направија и ги донесоа овие три дечиња дефакто во заблуда, истакна Јаневска.
Таа потврди дека наставниот кадар ќе се префрли во Ресурсниот центар, а училишната зграда ќе остане на општина Битола или на Република Македонија.
Во првиот уписен рок во средните училиште во државата се запишани 14.500 ученици. Во тек е вториот уписен рок, каде што министерката очекува да бидат запишани уште околу 2.000 ученици. (МИА)




