Израелската армија нема да се повлече од јужен Либан, дури и доколку тоа го побараат Соединетите Американски Држави – изјави денеска израелскиот министер за одбрана Израел Кац.
– Нема да се повлечеме – потенцира Кац.
Израелската армија минатата недела соопшти дека во блиска иднина не планира повлекување од Либан и објави ажурирана карта на таканаречената „безбедносна зона“ на југот на земјата, каде што се распоредени израелските сили.
Зоната се протега долж целата граница меѓу Либан и Израел и навлегува околу 10 километри во либанската територија.
„Израелските сили се распоредени во безбедносната зона, околу 10 километри во внатрешноста на либанската територија, поради оперативни потреби. Израелските војници ќе продолжат да ги отстрануваат заканите и да ја зајакнуваат одбраната на жителите на северен Израел“, соопшти армијата на социјалната мрежа Икс.
На конференција во Тел Авив, Кац изјави и дека нема да биде дозволено враќање на околу 200.000 либански жители раселени од јужниот дел на земјата поради претходните напади врз израелските сили во безбедносните зони каде што имало и цивилно население.
фото: архива




