Словенија денеска одбележува Ден на државноста, сеќавање на 25 јуни 1991 година кога Државниот збор (парламентот) усвои акт за излегување од тогашната Социјалистичка Федеративна Република Југославија, откако на референдумот во декември 1990 година мнозинството Словенци се изјаснија за отцепување.
Свечената прослава за Денот на државноста се одржа синоќа на Плоштадот Република во Љубљана на кои присуствуваа претседателката на Словенија, Наташа Пирц Мусар и новоизбраниот премиер Јанез Јанша. За денеска е предвидено Денот на државноста да биде одбележан и во претседателската палата, која ќе биде отворена за посетители. Пирц Мусар ќе положи венец на Споменикот на загинатите во војната за Словенија.
Еден ден откако Словенија прогласи независност почна десетдневната војна, во која загинаа 19 словенечки војници, а 182 беа повредени, како и 45 загинати припадници на Југословенската народна армија и 146 повредени.
Конфликтот заврши на 7 јули 1991 година со потпишување на договор на Бриони, а последниот војник на ЈНА замина од Словенија ноќта помеѓу 25 и 26 октомври. Поради тоа на 25 октомври се одбележува Денот на сувереноста.
Словенија во 2004 година стана членка на Европска Унија и на НАТО, го зголеми бруто домашниот производ се зголеми за 6,4 пати во споредба со 1991 година (од 5.131 на 33.062 евра по глава на жител), а според Глобалниот индекс на мир е четврта најбезбедна земја во светот.




