Европската конфедерација на синдикати (ЕТУЦ) ја повика Европска Унија да воведе задолжителни, законски пропишани паузи за работниците изложени на екстремна топлина, предупредувајќи на зголемените ризици по здравјето и безбедноста за време на сè почестите топлотни бранови.
ЕТУЦ наведува дека работниците треба да имаат право на „паузи за ладење“ за време на високите температури на воздухот. Предложената мерка е инспирирана од мерките воведени на овогодишното Светското првенство, кога фудбалските натпревари се прекинуваат за да се заштитат играчите од екстремна топлина.
Генералната секретарка на ЕТУЦ, Естер Линч оцени „паузата за вода“ на Светското првенство покажува како екстремните температури можат да влијаат на физичката издржливост и безбедност, но исто така дека исто ниво на заштита треба да им се обезбеди на работниците во различни сектори.
ЕТУЦ бара на работниците во градежниот и земјоделскиот сектор, како и во јавниот превоз да имаат силна заштита, бидејќи подолго и континуирано се изложени на високи температури. Според податоците на ЕТУЦ, ризикот од повреда на работното место се зголемува за седум отсто кога температурата ќе се искачи на 30 степени Целзиусови, додека на температура повисока од 38 степени ризикот се зголемува за 15 проценти.
Поединечните членки на ЕУ имаат свои регулативи за работа на високи температури, но ЕУ нема обврзувачки правила на ниво на целиот блок, туку само препораки за работодавачите да обезбедат дополнителни паузи и заштитни мерки за време на екстремно високите температури.
Апелот од ЕТУЦ уследи откако Европа е погодена од интензивен топлотен бран, а се проценува дека околу 94 милиони луѓе би можело да бидат изложени на температури повисоки од 35 степени.




