Американскиот претседател Доналд Трамп ја отвори 16-дневната прослава по повод 250-годишнината од Соединетите Американски Држави со политички митинг.

– Додека стоиме на прагот на 250-тата година од нашата независност, со возбуда можам да објавам дека Америка се врати – им порача Трамп на илјадниците присутни, стоејќи зад непробојно стакло поставено долж бината.

Националното шеталиште беше украсено со патриотски симболи, американски знамиња и натписи „Freedom 250“, додека на екраните се промовираше манифестацијата „The Great American State Fair“.

Над собирот прелетаа воени авиони, меѓу кои и бомбардер „Б-2“, придружуван од четири борбени авиони „Ф-35“.

Републиканскиот претседател се осврна на американската историја и на јубилејот, пред да ги истакне своите достигнувања – од тврдењата за победа во војната со Иран до економскиот просперитет.

– Ја започнуваме најнезаборавната прослава што некогаш ја видел кој било народ. Одлично ќе си поминете – порача Трамп во получасовниот говор.

Настанот покажа дека Трамп речиси целосно ја избришал границата меѓу официјалните државни настани и предизборната политика, организирајќи јавен собир во срцето на главниот град во формат карактеристичен за неговите политички митинзи, посочуваат американски медиуми..

Одбележувањето на јубилејот беше проследено со повеќемесечни тензии, вклучително и поради неконвенционалната програма, откажувањето на неколку музички настапи и обновата на рефлектирачкиот базен на Националното шеталиште непосредно пред свеченостите.

Трамп, кој лично покажа голем интерес за прославата, се соочува со сложена политичка ситуација.

Речиси четиримесечната војна со Иран придонесе за раст на потрошувачките цени до највисоко ниво во последните три години и одврати многу гласачи.

Според анкетата на Ројтерс/Ипсос, само секој четврти Американец смета дека американско-израелската војна против Иран вредела за вложеното, а само 34 проценти ги одобруваат резултатите на Трамп по 17 месеци од почетокот на неговиот втор мандат.

ФОТО: Скај Њус Острелија