Иранската репрезентација сè уште има теоретски шанси да се пласира во шеснаесетфиналето на Светското првенство, но капитенот Мехди Тареми не го крие разочарувањето од условите во кои настапува неговата селекција.
Иран ја заврши групната фаза на третото место во групата Г по драматичното реми со Египет (1:1), во натпревар во кој на Тареми му беше поништен гол во судиското продолжение.
По натпреварот, искусниот напаѓач жестоко ја критикуваше ФИФА, тврдејќи дека иранската репрезентација не добила професионални услови какви што имаат останатите учесници на Мундијалот.
„Ова Светско првенство е катастрофа“, изјави Тареми.
Тој откри дека поради проблемите со визите дел од стручниот штаб и логистичкиот персонал воопшто не успеале да влезат во Соединетите Американски Држави.
„Нашиот задолжен за односи со медиумите, магационерот и дел од луѓето од федерацијата не добија визи. Игравме сите три натпревари во САД, но не ни беше дозволено да останеме таму. Постојано моравме да патуваме во Тихуана, во Мексико, без време за опоравување. Тоа не е фер“, рече Тареми.
Според него, честите патувања дополнително го исцрпиле тимот.
„Не е нормално веднаш по натпревар да патувате, без закрепнување и без логистичка поддршка. Ако тоа за ФИФА е нормално, тогаш добро. Ако сакаат да си одиме, ќе си одиме. Постојано се жалиме на овие проблеми, но никој не ни помага“, изјави иранскиот репрезентативец.
Тареми посочи дека уште пред почетокот на турнирот биле побарани подобри услови, но нивните барања останале без одговор.
„ФИФА требаше да ги реши овие проблеми, но не го направи тоа. Инфантино дојде во нашата соблекувална по првиот натпревар и ни рече дека ова е само почеток. Сега групната фаза заврши, а нашите луѓе задолжени за логистика сè уште не се со нас затоа што не добија визи“, додаде Тареми.
И покрај сите надежи, Иран на крајот остана без пласман во шеснаесетфиналето. Персиската селекција заврши како деветта најдобра третопласирана репрезентација, што не беше доволно за продолжување на настапот на Светското првенство.
Така, драматичното реми со Египет, промашениот пенал и поништениот гол во финишот се покажаа како моменти што ја одредија судбината на Иран на овој Мундијал.




