Капитенот на хрватската репрезентација Лука Модриќ го најави претстојниот дуел со Португалија во шеснаесетфиналето на Светското првенство и истакна дека верува оти неговиот тим ќе продолжи да го крева нивото на игра.
Модриќ објасни дека Хрватска нешто побавно го започнала турнирот поради големите очекувања што самите си ги наметнале.
„Натпреварувањето го почнавме малку стегнато поради големите очекувања, кои понекогаш и самите непотребно си ги ставаме на грб. Треба да уживаме во играта. Верувам дека по секој натпревар ќе бидеме сè подобри. Особено по победата над Панама, до која стигнавме тешко, но токму таа ни ја зголеми самодовербата. Сигурен сум дека можеме да играме уште подобро. Сега треба да се опуштиме и да уживаме, па што биде нека биде“, изјави Модриќ.
Капитенот имаше пофални зборови и за Петар Сучиќ, стрелецот на првиот гол во победата над Гана.
„Петар одигра феноменално. Покажува дека не е само иднината, туку и сегашноста на репрезентацијата. Му честитам за сè што прикажува откако е дел од националниот тим“, додаде Модриќ.
Хрватска во нокаут-фазата ќе се соочи со Португалија, а Модриќ порача дека неговата селекција нема страв од ниту еден противник.
„И Португалија и Колумбија се одлични репрезентации. Без разлика против кого ќе играме, ќе се бориме и ќе дадеме сè од себе. Немам некои посебни желби. Сигурен сум дека ни на нив нема да им биде сеедно кога ќе нè видат од другата страна“, порача искусниот хрватски капитен.




