Собранието денеска ги усвои измените на Законот за Царинската тарифа, со кој од 1 јули 2026 година ќе стапат во сила пониски царински стапки за 70 стоки што се користат како суровини и репроматеријали во домашната индустрија.

Со законските измени се врши дополнително усогласување на царинските стапки со оние што важат во Европската унија, согласно определбите од Програмата за работа на Владата 2024-2028 година и заложбите за подобрување на конкурентноста на македонската економија.

Намалувањето на царинските стапки ќе придонесе за намалување на трошоците на компаниите, особено во преработувачката индустрија, и ќе овозможи подобри услови за производство и извоз. Мерката е насочена кон зајакнување на извозната конкурентност на домашните компании, зголемување на инвестициите, отворање нови работни места и обезбедување повисок девизен прилив во државата.

Измените се подготвени во консултација со стопанските комори и претставуваат продолжение на реформите започнати минатата година, кога од 1 јули 2025 година беше реализирано првото намалување на царинските стапки до 50 проценти од нивото на царинските стапки што важат во Европската унија.

Со новите измени се предвидува целосно усогласување на царинските стапки за овие производи со стапките што се применуваат во Европската унија, при што се земени предвид и правилата на Светската трговска организација.

„Со усвојувањето на овој закон испраќаме јасна порака дека сме посветени на создавање поконкурентна и поотпорна домашна економија. Од 1 јули компаниите ќе имаат пониски трошоци за набавка на суровини и репроматеријали, што директно ќе влијае врз нивната продуктивност, конкурентност и извозен потенцијал. Нашата цел е македонските компании да имаат услови што се споредливи со оние во Европската унија, да инвестираат повеќе, да отвораат нови работни места и да создаваат поголема додадена вредност во економијата“, кажа министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.

Таа нагласи дека Владата продолжува да спроведува политики кои обезбедуваат предвидливо и поволно деловно окружување и силно партнерство со бизнис-заедницата, со крајна цел забрзување на економскиот раст и обезбедување повисок животен стандард за граѓаните.

Мерката директно ќе придонесе за поддршка на автомобилската, металопреработувачката индустрија и металургијата, а се очекува позитивно влијание врз зголемувањето на извозот, девизниот прилив, инвестициите и бројот на вработувања.