ВМРО-ДПМНЕ ја обвини СДС и Левица дека заеднички го блокираат носењето на новиот Изборен законик, иако, претходно бил постигнат договор за неговата содржина.
На денешната прес-конференција, портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасиевски, изјави дека единственото барање на неговата партија било македонската дијаспора да добие можност да гласа по електронски пат уште на следните претседателски избори, додавајќи дека ова првично било прифатено, но сега, според него, се блокира.
Манасиевски посочи дека Изборниот законик е дел од Реформската агенда и дека е подготвен согласно препораките и забелешките на ОБСЕ и ОДИХР.
Тој ги повика СДС и Левица да предложат амандмани само за, како што рече, корекција на начинот на заокружување на гласачките ливчиња и постапката за поднесување приговори, а останатите амандмани да ги повлечат за Законикот да биде усвоен со консензус.
Според Манасиевски, блокирањето на законот може негативно да се одрази врз исполнувањето на реформите предвидени со Реформската агенда, како и врз користењето на средствата од Планот за раст.
Од ВМРО-ДПМНЕ порачаа дека ќе продолжат со спроведување на реформите, оценувајќи дека тие се во интерес на државата и на граѓаните.




