Дефанзивецот на Интер, Алесандро Бастони (27), е под истрага на обвинителите во Милано поради сомнение за детска проституција. Фудбалерот денес добил известување за истрагата и наскоро ќе биде испрашуван. Тој е обвинет за сексуални односи со 17-годишно девојче, објавува „Ла Газета дело Спорт“.

Истрагата против Бастони е дел од поголем случај што се однесува на мрежа на малолетничка проституција и услуги за ескорт во областа на Милано. Обвинителите истражуваат обвинувања за организирано подведување, а се чини дека дефанзивецот на „нероаѕурите“ е еден од клиентите што ги користеле услугите.

Италијанските медиуми објавуваат дека повеќе информации ќе бидат познати откако обвинителите ќе го испрашуваат фудбалерот. Засега не се објавени други детали за случајот.

За потсетување, имињата на бројни фудбалери се појавија како дел од истрагата за наводна мрежа за проституција во Милано, вклучувајќи ги Алесандро Бастони (Интер), Рафа Леао (Милан), Душан Влаховиќ (Јувентус), Раул Беланова (Аталанта), Рикардо Калафиори (Арсенал), Јан Бисек (Интер), Андреа Пинамонти (Сасуоло), Самуеле Ричи (Милан) и Џанлука Скамака (Аталанта). Важно е да се напомене дека во времето на објавувањето на имињата, ниту еден од играчите не бил под истрага или осомничен за кривично дело.

Нивните имиња се наоѓаат на список од десетици „клучни зборови“ што обвинителството во Милано, предводено од Марчело Виола, ги вклучи во наредбата за претрес и заплена. Наредбата беше извршена пред два месеци, кога четири лица беа уапсени и ставени во домашен притвор под сомнение за експлоатација и поттикнување на проституција, при што услугите наводно биле наменети за играчи од бројни клубови, вклучувајќи ги Милан, Интер и Јувентус, објавува АНСА.

Имено, истражителите ја проверуваат можноста некои фудбалери да учествувале само на забави во ноќните клубови во Милано организирани од компанијата Ma.De Milano, наводна параван за овие активности, но без користење на „дополнителни услуги“. Оваа услуга вклучувала ноќ во хотел и платен секс, а во некои прилики била придружена со консумирање на азотен оксид, познат како „гас за смеење“.