Христијан Мицкоски, претседател на Владата на Република Северна Македонија, во гостување во централниот дневник во „Тема на денот“ на ТВ Сител вели дека за само две години просечната плата е зголемена за 8.000 денари, пензиите на пензионерите за 7.000 денари, растот на БДП од 1,8 проценти сега е 3,5 проценти, а во моментот се градат и шест автопатски делници, потенцирајќи дека Владата работи макотрпно и е насочена на реализација на проектите.
„Овие две години просечната плата е зголемена за 8.000 денари. Дали е тоа доволно? Не е. Но, имајќи предвид каде почнавме мислам дека е повеќе од доволно. Ги зголемивме пензиите за 7.000 денари. Дали е тоа доволно? Не е. Но ако се земе во предвид дека просечната пензија беше некои 14.000, 15.000 денари пред оваа влада да биде влада за две години да ја зголемите за 40, 45 проценти е значаен параметар. Ако претходно еве за економските параметри, економскиот раст беше 1,8 проценти годишно, сега е 3,5 проценти, значи двојно на БДП. Порано учениците цела година немаа учебници сега ги има од април за во септември, пред некој ден со министерката имавме промоција на учебници нови 60.000 учебници кои ќе ги добијат на први Септември, што порано за претходната влада ова претставуваше сериозен предизвик. Ако сакате да збориме за инфраструктура, 6 автопати, во понеделник го потпишуваме договорот за изградба на Блаце – Скопје конечно автопат кој што го чекаат граѓаните со децении, кој што го доби македонска компанија. А многу наскоро ќе биде завршен и процесот на Букојчани – Кичево, догодина ова време ќе треба да го користиме автопатот Кичево – Охрид. Исто така догодина ова време ги очекувам првите десет километри од автопатот Прилеп – Битола да бидат пуштени во двете насоки и во полн ек да биде изработката на изградбата на автопатот Тетово – Гостивар, Гостивар – Букојчани. Така што за прв пат сега се случува да ние имаме во еден момент шест автопатски делници кои се работата. Во 2024 година 16 милиони килограми тутун, 2025 година 26 милиони килограми тутун. Грозјето 2024 година 70 милиони килограми, 2025 година 120 – 130 милиони килограми. Празни акумулации август 2024 година 8 проценти, денеска се 80 проценти. Три неисплатени плати во Национални шуми и Водостопанство, денес се исплаќа се по ред“, вели Мицкоски.




