Руските фарсери Вован и Лексус, познати по нивните шеги со телефонски разговори со познати личности и политичари, во видео објавено вчера, разговараат со Танос Докос, советникот за национална безбедност на грчкиот премиер, еден од нив говори како претставник на кабинетот на украинскиот претседател и со Докос дискутира за украинскиот дрон откриен во Јонското море, а советникот на Мицотакис открива дека во следните месеци ќе има избори во Грција, јави дописничката на МИА од Атина.
За автентичноста на видеото засега нема потврда, веќе е објавено во дел од грчките медиуми, а од опозициската ПАСОК, бараат одговори од Владата, но и оставка на Докос.
Видеото е објавено на платформата Rumble трае речиси 12 минути и е во вид на видеоконференција, снимен е само советникот на Мицотакис, а главната тема е украинскиот поморски дрон откриен во близина на Лефкада во Јонското море за кој Атина остро реагираше до Киев.
Докос, според она што се гледа на видеото, вели дека потребно е да има отворени канали на комуникација меѓу двете страни, открива дека ден претходно во Киев бил директорот на грчката Национална служба за разузнавање и порачува дека не смее да се повтори инцидентот.
Руските фарсери му велат дека постои несогласување меѓу украинскиот претседател и украинскиот министер за одбрана, кој наводно смета дека инцидентот може да се повтори на некој од грчките островите, на што Докос коментира дека „тоа е малку страшно“ и објаснува дека е туристички период со зголемен е бродскиот сообраќај.
– Имајте на ум дека ќе имаме избори следните месеци и еден таков инцидент би предизвикал значајни проблеми за грчката Влада, вели советникот на Мицотакис, според објавеното видео и бара да се направат обиди да спречи повторување такви инциденти.
За видеото, засега нема официјална реакција од грчката Влада, а опозициската ПАСОК преку соопштение коментира дека Владата со часови молчи за случјаот, бараат одговори „дали објавениот аудиовизуелен материјал е автентичен и зошто Владата не разјаснува што се случило?“, а паралелно посочуваат дека „оставката на Докос е единствениот излез“.
– Веќе со часови во јавноста е објавено видео од снимен разговор на генералниот секретар за национална безбедност, Танос Докос, со руски државјани кои се претставуваат како украински функционери. Советникот на премиерот се чини дека споделува процени за времето на изборите во Грција, притоа правејќи и анализа на влијанието на украинското прашање врз нив, а споделува и информации за посетата на директорот на Националната служба за разузнавање во Киев, соопштија од ПАСОК.
Јавноста памети дека меѓу „жртвите“ на руските мајтапчии беше и екс-премиерот Зоран Заев.
Фото: Принтскрин




