Поранешниот шеф на германската дипломатија, Јошка Фишер, денеска изјави дека верува оти САД „ефективно се на пат кон излез“ од НАТО, предупредувајќи дека Европа во тој случај ќе мора да преземе поголема одговорност за сопствената безбедност.
Во интервју за медиумската група Функе, Фишер изрази сомнежи за долгорочниот опстанок на Алијансата во нејзината сегашна форма доколку американскиот претседател Доналд Трамп остане на власт во САД, наведувајќи дека европските сојузници веќе се прилагодуваат на таа можност.
Според него, европските земји и раководството на НАТО во моментов се обидуваат да ги задржат САД во алијансата, но оцени дека не гледа гаранции за нивниот долгорочен опстанок во сегашната структура.
„Европските шефови на држави и влади и генералниот секретар на НАТО инвестираат во Доналд Трамп за да го задржат во тимот. Мораат да го сторат тоа, не гледам алтернатива. Но, не верувам дека НАТО ќе преживее вака на долг рок“, рече тој, објави „Тагесшпигел“.
Фишер процени дека во случај на повлекување на САД, европските земји ќе мора да го „европеизираат НАТО“ и, според него, да се потпрат на сопствените безбедносни капацитети, вклучително и нуклеарното одвраќање, кое би се базирало на арсеналите на Франција и Велика Британија.
Поранешниот шеф на германската дипломатија, исто така, предупреди дека Европа не може да се потпре на американскиот нуклеарен чадор на долг рок, нагласувајќи дека во такво сценарио европскиот безбедносен систем ќе мора да се реорганизира.
Фишер оцени дека европските влади во моментов водат политика на прилагодување кон американскиот претседател со цел да се зачува единството на НАТО, но изрази сомнеж дека тоа би било доволно во случај на посериозни политички или безбедносни кризи.
„Не би се потпирал повеќе на тоа“, рече тој, додавајќи дека е исправно да му се ласка на Трамп колку што е можно повеќе, но дека се сомнева дека тоа ќе биде доволно кога ќе дојде до конфликтот.
Фишер се изјасни дека се залага за европеизација на алијансата.
„Европскиот дел од НАТО мора да остане заедно, идеално со Канада. Имаме докажани процедури и механизми и мора да ги зачуваме и интегрираме во новата структура“, заклучи тој.
Јошка Фишер беше министер за надворешни работи и вицеканцелар на Германија во периодот од 1998 до 2005 година.
Фото: Википедија




