Претседателот на Турција, Реџеп Тајип Ердоган, на заедничката прес-конференција во Истанбул со пакистанскиот премиер Шахбаз Шариф, истакна дека Анкара внимателно ги следи обидите на Израел за нарушување на преговарачкиот процес помеѓу САД и Иран,

– Благодарение на договорот (САД-Иран), што беше овозможен благодарение на напорите на Пакистан, светот можеше да воздивне со олеснување. Извештаите на меѓународните медиуми изминатите денови ги истакнаа тешкотиите, со кои се соочуваат страните во овој процес на преговори, истакна Ердоган.

Тој нагласи дека Турција продолжува да поддржува секој чекор што помага во намалувањето на тензиите и решавањето на проблемите преку дипломатија во регионот.

– Внимателно ги следиме провокациите на израелската администрација насочени кон поткопување на договорот. Ционистичките милитанти, кои го поврзуваат својот политички опстанок со тековните конфликти во регионот, во моментов се особено активни во Либан и во Сирија, потенцира Ердоган.

Тој посочи и дека мора да бидат запрени „нехуманите напади на израелските окупациски сили во Појасот Газа“.

– Не смееме да дозволиме регионот да биде задушен во смрдеата на барут и крв. Турција сака да создаде средина во која сите жители на регионот, без оглед на религијата, можат да живеат во мир и безбедност. И во овој поглед, верувам дека е особено важно да се нагласи следната поента: Секое решение кое не се заснова на волјата и придонесот на земјите од регионот не може да биде трајно, истакна Ердоган.

МИА