Најмалку 18 лица, вклучувајќи четворица полицајци, беа повредени денеска во двете детонации на импровизирани експлозивни направи во Дамаск, соопшти Министерството за внатрешни работи, јавува ДПА.
Сирискиот Центар за мониторинг на човековите права, група со седиште во Велика Британија, соопшти дека по почетната експлозија за неколку секунди следела уште една посилна експлозија, во близина на хотелот каде што престојува францускиот претседател Емануел Макрон за време на неговата посета на Сирија.
Елисејската палата во Париз потврди дека Макрон не е повреден. Експлозиите предизвикаа тревога кај жителите на сирискиот главен град.
Според Министерството за внатрешни работи, цитирано од официјалната новинска агенција САНА, експлозиите се случиле надвор од безбедносниот периметар воспоставен за посетата на францускиот претседател и не претставувале директна закана за Макрон или неговата официјална програма, која продолжувала според распоредот.
Службите за итни случаи и амбулантните возила наводно веднаш се упатиле кон местото на настанот. Безбедносните сили, исто така, ја опколиле околната област.
Макрон пристигна во Сирија синоќа, станувајќи првиот лидер на ЕУ што ја посетил земјата од 2010 година.
Поради извештаите за експлозии, агенцијата САНА објави дека Макрон моментално се среќава со сирискиот претседател Ахмед ал-Шара во претседателската палата.
Макрон остана во претседателската палата, каде што се во тек детални разговори меѓу делегациите од двете земји, се додава во соопштението, пренесено од ДПА.
Фото:Икс




