Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски преку објава на социјалните мрежи се осврна на резултатите од самитот на НАТО во Анкара оценувајќи дека донесените одлуки дополнително ќе ја зајакнат алијансата и ќе придонесат за унапредување на колективната безбедност.

– Пораката е јасна: НАТО испорачува резултати. Ја потврдивме заедничката определба за поголеми инвестиции во одбраната, понатамошно јакнење на одбранбените капацитети, поправедна распределба на одговорностите меѓу сојузниците и континуирана поддршка за Украина – напиша Муцунски.

Тој информира дека на маргините на самитот остварил повеќе билатерални средби со колеги од земјите членки на НАТО, како и со високи претставници на земјите сојузници и партнери. Во разговорите, како што посочи, станало збор за билатералните односи, соработката во рамките на НАТО, како и за актуелните регионални и глобални безбедносни предизвици.

– Како посветен и кредибилен сојузник, продолжуваме активно да придонесуваме кон зајакнувањето на колективната безбедност, стабилноста и единството – порача министерот Муцунски.

Фото: МНРиНТ