Лидерот на албанската Демократска партија Сали Бериша, во соопштение за медиумите остро го осуди задржувањето на функционери од партијата ВЛЕН од Македонија на граничниот премин Ќафасан.
„Во невиден антиалбански чин уште од диктатурата на Енвер Хоџа и во многу сериозен дипломатски и политички скандал, вчера, по наредба на Еди Рама, на тројца функционери од коалицијата на албански партии во Македонија, ВЛЕН, не им беше дозволено да влезат на територијата на Албанија, што е флагрантно кршење на меѓудржавните договори со Македонија и на меѓународните конвенции.
Така, вчера, на 8 јули, координаторот на пратеничката група на коалицијата ВЛЕН, пратеникот Беким Ќоку, пратеникот Аднан Азизи и заменик-генералниот секретар во Владата на Македонија, Хасим Муртезани, беа блокирани од страна на албанската полиција за дрога на граничниот премин Ќафасан. Сите тројца со дипломатски пасоши. Со нив се однесуваа и беа притворени како да се терористи, непријатели на албанската нација, а не чесни пратеници, претставници на Албанците во Македонија, соседната земја.
Извинувајќи се во име на Албанците на сите Албанци од Македонија и на граѓаните на оваа земја, на коалицијата ВЛЕН и на сите нејзини претставници, ДП најостро го осудува овој грд чин на Еди Рама и на неговиот антиалбански марионетски министер за внатрешни работи.
Овој чин е сериозен удар врз добрососедството со соседната земја и претставува вулгарен обид да се обвинат соседите и другите за најмоќниот граѓански младински протест во земјата во последните 35 години.
Со овој чин, наркодиктаторот на Тирана се однесува во регионот на идентичен начин како Лукашенко од Белорусија и поранешниот диктатор на Венецуела, сега во лисици, Мадуро.
Грдо дело. Му гарантирам на Еди Рама дека неговата казна е без спас, без враќање. Нека ги затвори границите од сите четири страни, но Албанците дефинитивно му го отсекоа патот“, порача Бериша.
Одржан 40. антивладин протест во Тирана, демонстрантите револтирани и за 4 милиони евра за концертот на Вест
Расте незадоволството кон владата на премиерот Еди Рама, чија итна оставка демонстрантите побараа и на синоќешниот 40. по ред протест во Тирана, на кој изразија револт и за издвојувањето 4 милиони евра од државниот буџет за концертот на американскиот рапер Канје Вест, што ќе се одржи утре во Тирана.
-Иако на земјата ѝ е потребна заштита на животната средина од пожари, на болниците лекови, а на универзитетите научни истражувања, ниту едно од овие не е приоритет за албанската влада. Концертот на Вест, чии настапи ова лето беа забранети во неколку европски земји бидејќи тој го велича нацистичкиот лидер од Втората светска војна, Адолф Хитлер е приоритет за Министерството за култура, туризам и спорт, рекоа дел од говорниците на протестот пред владата.
Демонстрантите, кои од пред владата продолжија со маршот низ улиците на Тирана, до околу полноќ, нагласија дека нема да го напуштат плоштадот без оставка на политичарите, а најавија сенационален протест во утре, 11 јули.

Во меѓувреме незадоволство пред Министерството за култура, туризам и спорт, искажа и грпа уметници и активнисти порачувајќи дека „Во Тирана не сакаме пејач обвинет за антисемитизам“, а поставија и транспаренти со натписи „Министерство за забави“, „Министерство на срамот“.
-Во време кога албанските културни институции со години страдаат од недостаток на инвестиции, локалните уметници остануваат меѓу најмалку поддржаните во регионот, земјата се соочува со низа вонредни состојби и јавни потреби, владата одлучила да го финансира концертот на уметник кој неодамна го поддржа нацизмот, антисемитизмот и оправданото ропство, порачаа тие.

Издвојувањето средства од резервите на државниот буџет наиде на осуда и од опозицијата и граѓанскиот сектор, по што премиер Еди Рама изјави дека четирите милиони евра кои државата ги платила за концертот на Вест биле „вложување“ за да се избегне срамот за Албанија доколку концертот се откаже.
-Во последен момент издвоивме четири милиони евра за да избегнеме срамота за Албанија пред очите на речиси 25.000 странски посетители од 80 земји, кои веќе купија билети за да го видат Вест, додека многумина стравуваат дека настапот би можел да биде откажан, рече Рама во поткаст, додавајќи дека токму овој концерт на албанскиот бизнис ќе му донесе најмалку 100 милиони евра. вт/јт/
Фото: скрнишот




