Во мал камион со странски регистарски таблички, инспекторите Независната управа за јавни приходи на Грција (ААДЕ), откриле над два тона небезбедни млечни производи со потекло од Бугарија, што се пренесувале нелегално и во несоодветни услови, без ладилник, јави дописничката на МИА од Атина.
Од ААДЕ соопштија дека во рамките на насочените контроли за сузбивање на нелегалниот транспорт и трговија со производи и небезбедна храна, малиот камион бил откриен на патниот правец Маказа – Комотини во северна Грција, било утврдено дека производите биле транспортирани без потребната разладна комора, како што предвидува законската регулатива, но и дека возилото било преоптоварено за 1.500 килограми.
Дополнително, во соработка со инспекторите од Ветеринарната служба од конкретната периферија, било утврдено дека производите биле исклучително опасни за јавното здравје бидејќи се пренесувале во несоодветни услови, без ладилник.
Сите производи биле запленети и целосно уништени, а биле изречени и предвидените казни и за опасната храна и за прекумерниот товар.
ФОТО: Независна управа за јавни приходи на Грција (ААДЕ)




