Со положување цвеќе пред споменикот на Панко Брашнаров во Велес, денеска беа одбележани 75 години од смртта на народниот учител, револуционер и учесник во двата Илиндена.
На чествувањето присуствуваа делегации на Општина Велес, членови на Советот на Општината, претставници на институции и граѓани, кои му оддадоа почит на еден од најзначајните велешани и истакната личност во македонската историја.
За животот и делото на Панко Брашнаров говореше историчарот и советник во Советот на Општина Велес, Слободан Ников, кој се осврна на неговиот придонес во борбата за слобода и независност на македонскиот народ.
Панко Брашнаров е роден во Велес во 1883 година и бил учесник во најзначајните историски настани – од Илинденското востание, преку Балканските и Првата светска војна, до Првото заседание на АСНОМ, на кое бил избран за претседавач. Тој бил и член на АВНОЈ и народен пратеник.
По неколку години работа во штотуку организираната држава, како приврзаник на ставовите во Резолуцијата на Информбирото, Брашнаров бил приведен, прогласен за непријател на власта и испратен во логорот Голи Оток, каде починал на 13 јули 1951 година.
Присутните на одбележувањето му оддадоа почит со порака дека неговото дело и жртва остануваат траен дел од македонската историја.
Во негова чест, едно основно училиште во Велес го носи името „Панко Брашнаров“, а по него е именувана и една градска улица.
МИА




