Премиерот Христијан Мицкоски вечерва на собраниската седница, на чиј дневен ред е реконструкцијата на Владата, му реплицираше на пратеникот од Левица, Амар Мециновиќ, нагласувајќи дека луѓето како него се архетипот на вината зошто младите си одат од оваа земја, додека Мециновиќ претходно ја обвини Владата дека во изминатите две години работела против интересите на работниците и младите.

– Овие луѓе се архетипот на вината зошто младите си одат од оваа земја. Затоа што немаат ниту еден работен час да заработат леб, туку веднаш, од првиот ден кога ќе влезат во политиката, држат демагогија и демагошки говори од оваа говорница и манипулираат пред граѓаните. Ете, такви се тие луѓе, кои немаат храброст, срце како глушец, да се соочат со нас, пратениците. Ете, тие се тие луѓе. И затоа одлучив на тој што последен се обраќаше во името на опозицијата нему да му реплицирам, а не на тој што зборуваше пред него, иако имаше што да му се каже. Но, ајде, ќе се воздржам и ќе го оставам Фројд да работи за него. А Фројд го прочитавте сите на неговата маичка денеска, која ја носеше додека ви се обраќаше – рече Мицкоски.

Тој додаде дека се јавил за реплика затоа што имал неколку работи да каже и да реплицира, но одлучил да одговори на последниот говорник, кој себеси се претстави како последен говорник од опозицијата.

– А говорникот пред него е исто така говорник кој доаѓа од опозицијата и постави прашање зошто на него не сум се јавил за реплика. Затоа што мислам дека реплика од претседателот на Владата заслужува оној што последен говори од опозицијата, а не тој што говори претпоследен. И имав дилема тука дали тој што говори претпоследен има доволно авторитет кон овој што говори последен. Но, очигледно, овој го засени. Па затоа одлучив нему да му реплицирам. Тој излезе од говорницата и им се обрати на граѓаните, преку вас, пратениците. Им се обраќаше на различни категории – на младите, на работниците и така натаму. Но, сега камерите можат да забележат празни столчиња. Замислете пратеник кој во егзалтирана состојба признава дека опозицијата е импотентна, а за себе вели дека е последен пратеник што се обраќа од опозицијата. Па така егзалтирано ве убедува во неговите демагошки и говорнички квалитети, а сега нема храброст да седне, да ме погледне во очи и да слушне како му реплицирам. Замислете, тој треба да се бори за вас, а нема храброст овде, во Парламентот, да го слушне претседателот на Владата како му реплицира, бидејќи ја има честа како последен говорник од опозицијата. А, во суштина, тој истиот, кога имаше можност да се кандидира за градоначалник на градот Скопје, прво се откажа од својот родител. Се сеќавате на една дебата кога тогашната градоначалничка на градот Скопје му рече дека неговиот родител има дивоградби, а тој се откажа од својот родител. Замислете, човек што се откажува од својот родител треба јавно, на медиум, да ги брани граѓаните на Македонија – рече Мицкоски.

Тој додаде дека и на прашањето да ги наброи јавните претпријатија во градот Скопје, не успеал ниту едно да наброи, а денес им се обраќаше на скопјани.

– Ете, сега го нема. Срце како глушец, но брзозборец, морам да признам – брзозборец. Иако тоа што го зборуваше немаше никаква логика, освен демагогија. Ќе повторам: водата е мокра, нагоре е високо, а надолу е длабоко. Но, апсолутно никаква суштина не даде – рече Мицкоски.

Претходно, пратеникот од редовите на Левица, Амар Мециновиќ од говорницата се обрати до повеќе категории граѓани, обвинувајќи ја извршната власт дека работи во интерес на олигархијата.

– Пред сè сакам да се обратам до работниците кои веќе две години живеат со Влада која сета своја енергија ја посвети за борба против нивните претставници. Влада која ги стави на располагање сите свои капацитети за дискредитирање на синдикатите и крајно онеспособување да се постигнат целите на работниците. Се обраќам до работниците кои не можат да добијат зголемена минимална плата веќе две години, чии семејства не можат да застанат сигурно на свои нозе, чии деца се иселуваат од домот затоа што приликите се влошуваат, за семејствата кои мислеа дека пред две години ќе има промена со новата власт, но условите се само влошени – рече Мециновиќ.

Упати порака и до младите, повикувајќи на промена во политичката култура.

– Се обраќам до младите од овие работнички семејства, кои не можат ниту едно свое прашање да решат, кои заминуваат од Македонија поради мноштво проблеми, затоа што не гледаат надеж тука. Млади кои не можат да го решат својот станбен проблем, млади кои се занемени и не можат да го најдат своето место во Македонија. Вистинската промена на политичката култура лежи во промена на политичките генерации – нагласи Мециновиќ.

Во своето излагање, пратеникот се осврна и на состојбите во главниот град.

– Се обраќам на скопјани коишто имаат уништен град и немаат основни услуги. Се обраќам до скопјани коишто својата мобилизација мораат да ја понесат до крај, затоа што оттука од Скопје почнува промената против овие корозивни политички трендови – рече Мециновиќ.

МИА