Американската администрација воведе дополнителни царини од 25 отсто за низа производи од Бразил, по истрага што ја спроведе Канцеларијата на трговскиот претставник на Белата куќа. Мерките ќе стапат во сила на 22 јули.

Од царините ќе бидат изземени одредени производи што не се произведуваат во САД, како и стоки чие оданочување би можело да влијае врз американските синџири на снабдување во националната економија.

Вашингтон наведе дека истрагата, започната во 2025 година, се однесувала на прашања поврзани со трговските практики на Бразил, заштитата на интелектуалната сопственост и одлуки на бразилскиот судски систем кои САД ги оценуваат како трговски бариери.

Бразилското претседателство ги отфрли новите царини, оценувајќи дека за нив „нема никакво оправдување“.

Американскиот државен секретар, Марко Рубио, изјави дека бразилскиот претседател Луис Инасио Лула да Силва го ставил „егото пред постигнувањето договор“ со Вашингтон за царините.

Односите меѓу двете земји дополнително се влошија откако американскиот претседател Доналд Трамп воведе нови трговски мерки кон бразилски производи, делумно поврзувајќи ги со случајот на поранешниот бразилски претседател Жаир Болсонаро.