Британскиот премиер Кир Стармер денеска престојува во последна официјална посета на Украина пред заминувањето од функцијата, при што порача дека „цврстата како челик“ поддршка на Обединетото Кралство за Киев ќе продолжи и во иднина.

Стармер во Киев се сретна со украинскиот претседател Володимир Зеленски, во пресрет на изборот на Енди Барнам за нов лидер на Лабуристичката партија и иден премиер.

Во изјава објавена пред посетата, Стармер оцени дека истрајноста на украинскиот народ по почетокот на целосната руска инвазија во февруари 2022 година „ја зачува безбедноста на Европа“.

Тој потсети на британскиот придонес за украинската одбрана во текот на неговиот двегодишен мандат на чело на владата.

„Кога станав премиер, знаев дека Обединетото Кралство не смее само да застане покрај Украина во моментот на кризата, туку и да помогне во создавањето темели за нејзината долгорочна безбедност и успех“, истакна Стармер.

Во неговиот мандат беше потпишано стогодишно стратешко партнерство меѓу Велика Британија и Украина, насочено кон продлабочување на одбранбената и економската соработка, а Лондон беше меѓу иницијаторите за формирање идна меѓународна мировна мисија.

Стармер нагласи дека Велика Британија значително ги зголемила инвестициите во одбраната и дека е лидер во развојот на нови воени технологии.

„На самитите на Г7 и на НАТО во изминатите недели покажавме дека Обединетото Кралство и неговите сојузници се целосно обединети против руската агресија“, рече британскиот премиер.

На самитот на НАТО во Турција минатата недела, Зеленски ги повика сојузниците да го зајакнат украинскиот систем за противвоздушна одбрана поради засилените руски напади.

Подоцна американскиот претседател Доналд Трамп даде дозвола Украина да произведува ракети „Патриот“, што би требало да помогне во одбраната од руските балистички ракети.

Во меѓувреме, првите од вкупно 150 артилериски цевки произведени во Велика Британија веќе се испорачуваат во Украина во рамки на договор вреден 61 милион фунти со компанијата BAE Systems.

– Горд сум на сè што придонесе Велика Британија. Таа работа ќе продолжи и нашата цврста како челик поддршка за Украина ќе остане трајна – порача Стармер.

Посетата се одржува во време кога Русија продолжува со нападите врз пристанишниот град Одеса. Кремљ соопшти дека погодил пристанишна инфраструктура што, според Москва, се користела за истовар на нафта и нафтени деривати.

Во нападите врз нафтени танкери во Црното Море загинаа осум лица.

За време на своето последно обраќање на седницата за пратенички прашања во Долниот дом на британскиот Парламент, Стармер доби пофалби од лидерот на Конзервативната партија Кеми Бејденок за неговата политика кон Украина и блиските односи со Зеленски.

Простувајќи се од пратениците, Стармер се потсети на, како што рече, „емотивниот момент“ кога го пречекал Зеленски во Даунинг стрит по неговата расправија со американскиот претседател Доналд Трамп во Белата куќа во февруари 2025 година.

„Му реков дека во оваа земја ќе стоиме покрај него и покрај Украина“, изјави Стармер.

Според најавите, Енди Барнам во петок ќе стане лидер на Лабуристичката партија, а функцијата британски премиер треба официјално да ја преземе в понеделник.