Изработена е физибилити студија, се обезбедува локација и финансиски модел за проектот. Владата почнува со реализација на еден од најзначајните инфраструктурни проекти за дигиталната иднина на Македонија – изградба на Национален дата центар – најави вечерва министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски.
– Донесовме одлука заради визијата и решеноста на премиерот и во моментов работиме на еден од најзначајните инфраструктурни проекти за дигиталната иднина на Македонија – изградба на Национален дата центар – истакна Андоновски во вечерашното интервју во емисијата „На прва“ на Македонската телевизија.
Министерот појасни дека дата центарот не претставува само објект во кој се сместени сервери, туку клучна државна инфраструктура врз која ќе се темели дигиталниот развој на земјата.
-Ако патиштата ги поврзуваат градовите, дата центарот ги поврзува институциите. Наместо секоја институција да има свои серверски простории со различно ниво на безбедност, државата ќе има едно современо, високо заштитено и енергетски ефикасно место од каде ќе се обезбедуваат дигиталните услуги во наредните 20 до 30 години – нагласи тој.
Андоновски информираше дека веќе е изработена физибилити студија која потврдува дека проектот е технички и финансиски изводлив. Според визијата на Министерството, Македонија треба да добие современ Tier III Национален дата центар, кој ќе биде основа за воспоставување на владин облак, заштита на државните податоци, развој на системи базирани на вештачка интелигенција и испорака на нова генерација дигитални јавни услуги.
Според Андоновски, дата центрите претставуваат стратешката инфраструктура на 21 век.
– Без дата центри нема дигитална држава, нема вештачка интелигенција, нема сајбер безбедност и нема сигурни електронски услуги. Со овој проект ја поставуваме основата врз која ќе се гради дигиталната Македонија во следните децении – истакна Андоновски.




