Еврокомесарката за проширување Марта Кос денеска повторно ја повика Македонија да ги донесе договорените уставни измени, оценувајќи дека и покрај значајниот напредок во реформите, без исполнување на оваа обврска земјата не може да го забрза процесот на пристапување во Европската Унија, пренесува МКД.мк.
Кос истакна дека Македонија е меѓу трите најуспешни земји во спроведувањето на реформската агенда во рамки на Планот за раст на ЕУ, но нагласи дека реформскиот успех треба да биде проследен и со политички чекори.„Македонија е една од најдобрите земји во спроведувањето на реформите од Планот за раст. Но, треба да ги донесе договорените уставни измени за истиот напредок да се преслика и во преговорите за проширување. За тоа се потребни лидерство и градење доверба со сите 27 земји членки на Европската Унија“, изјави Кос на состанок на Економско-социјалниот комитет на ЕУ во Брисел.
Во меѓувреме, Македонија успеа да реализира девет од десетте реформски чекори предвидени за јунскиот рок. Единствено не беше усвоен новиот Изборен законик, реформа чија вредност изнесува 4,2 милиони евра.
Од Министерството за европски прашања очекуваат Европската комисија во септември да ја даде конечната оценка за спроведените реформи. Доколку биде потврдено исполнувањето на реформските обврски и во тековниот извештаен период, Македонија би можела да добие околу 100 милиони од вкупно 750 милиони евра од Планот за раст.




