Археолошкото одделение при НУ Музеј Куманово успешно ги заврши годинашните археолошки истражувања на локалитетот „Градиште“ во Младо Нагоричане. Истражувањата беа реализирани под раководство на Дејан Ѓеорѓиевски, кустос советник – археолог и раководител на проектот, а беа насочени кон секторот „Долна тераса“, каде што во претходните години беа откриени конструкции од 4 век пр.н.е., всечени во карпа, како и камени тумулоидни конструкции поврзани со ритуални активности.

Годинашните ископувања донесоа нови значајни откритија кои дополнително ја потврдуваат сакралната функција на овој простор. Непосредно источно од претходно откриениот тумул археолозите откриле градба со бројни фрагменти од питоси и други складишни садови. Меѓу најзначајните наоди се издвојува питос со уникатна декорација на устие изработена со отпечатоци од прстен, на која е прикажано женско божество, најверојатно Деметра, која во едната рака држи рог на изобилие, а со другата изведува либација со кантарос врз триножник.

Јужно од оваа градба бил откриен ограден ѕид што го издвојувал просторот за обреди од остатокот на населбата. Во непосредна близина археолозите истражиле и помала просторија со големо количество животински коски, како и богата трпезна керамика од 4–3 век пр.н.е., што упатува на одржување ритуални гозби или симпозиуми.

Меѓу пронајдените предмети има и вредна увозна керамика, меѓу која west slope гутуси и кантароси, црнофирнизирани ехинуси украсени со отпечатоци од палмети, амфори, хидрии, лампи и керамички фигурини. Особено внимание привлекуваат остатоците од луксузно украсен кревет – профилирана ногарка и аплика со претстава на божество кое држи фијала и лежи на клине, веројатно дел од симпозиумска поворка на божества.

Иако градбата е скромно изведена, археолозите сметаат дека таа била составен дел од ритуалниот комплекс, односно теменосот, и најверојатно служела за ритуални јадења. Според нив, ова решение има сличности со светилиштето на Деметра и Персефона во Коринт.

Од НУ Музеј Куманово истакнуваат дека богатството на увозната керамика и уникатните архитектонски и декоративни елементи повторно сведочат за високиот степен на развој на населбата. Дополнителна потврда за нејзината економска и културна моќ даваат и претходно откриените градби со перистилен двор, ѕидови украсени со боен малтер, како и бројните импортирани амфори и луксузни керамички садови, кои сведочат за силни трговски врски и целосна вклученост во цивилизациските текови на Македонското Кралство во 4 и 3 век пр.н.е.

Следната фаза од истражувањата ќе биде насочена кон доистражување на новооткриените градби и проверка на претпоставката за постоење храм во овој дел од локалитетот.

Археолошките истражувања се реализираат во рамки на Годишната програма за работа на НУ Музеј Куманово, со финансиска поддршка од Министерството за култура и туризам.