Министрите за надворешни работи на Асоцијацијата на земјите од Југоисточна Азија (АСЕАН) на Самитот што се одржува во Манила изразија загриженост поради ескалацијата на кризата на Блискиот Исток.
Шефовите на дипломатиите на 11-те држави-членки на АСЕАН, како и претставници на партнерските држави, се состануваат во престолнината на Филипините, во услови на зголемена нестабилност поради обновениот конфликт меѓу САД и Иран и стравувањата од нарушување на снабдувањето со енергенси преку Ормуската Теснина.
Во АСЕАН членуваат Брунеи, Виетнам, Источен Тимор, Индонезија, Камбоџа, Лаос, Малезија, Мјанмар, Сингапур, Тајланд и Филипините.
Загриженоста дополнително се зголеми во последните денови, откако јеменските бунтовници Хути поддржани од Иран, објавија поморска блокада на Саудиска Арабија, отворајќи ново жариште во поширокиот конфликт.
„Длабоко сме загрижени дека овие случувања можат сериозно да ги поткопаат тековните напори на клучните посредници и да ги намалат шансите за мирно решение преку дијалог и дипломатија“, се наведува во заедничкото соопштение на министрите на АСЕАН објавено по состанокот одржан зад затворени врати.
Земјите од Југоисточна Азија кои се меѓу значајните светски увозници на нафта, се особено чувствителни на евентуални нарушувања во глобалните рути за снабдување со енергенси.
На состаноците во Манила неделава ќе учествуваат и американскиот државен секретар Марко Рубио и кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји, а можна е и билатерална средба на маргините на Форумот.




