Еден од најтрофејните и највлијателни европски кошаркарски стратези Светислав Пешиќ ќе биде главен предавач на дводневен стручен семинар што на крајот од август во Скопје ќе ги собере сите македонски кошаркарски тренери.

Како што соопшти денеска Македонската кошаркарска федерација (КФСМ), годинашната задолжителна тренерска клиника ќе се одржи на 24 и 25 август со учество на прославениот 76- годишен српски тренер чија кариера повеќе од четири децении претставува синоним за врвни резултати, лидерство и кошаркарско знаење.

„Член на Куќата на славните на ФИБА, европски и светски шампион со репрезентации, освојувач на титулата во Евролигата и еден од најпочитуваните тренерски авторитети во светската кошарка, Пешиќ своето богато искуство ќе го пренесе на македонските тренери преку дводневна стручна едукација“, се наведува во соопштението на КФСМ, во кое се нагласува дека „клиниката е наменета за сите македонски кошаркарски тренери, а присуството е задолжително, бидејќи претставува еден од основните услови за добивање тренерска лиценца за натпреварувачката сезона 2026/27“.

Во текот на двата дена, учесниците ќе имаат можност непосредно да се запознаат со современите тренерски принципи, методологијата на работа и филозофијата на еден од најуспешните европски стратези, што претставува исклучителна можност за стручно усовршување на македонските тренери.

МИА