Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ во изминатите две години презела конкретни чекори за реформа на јавната администрација со цел создавање професионален, ефикасен и модерен јавен сектор кој ќе работи во интерес на граѓаните, истакна на денешната прес-конференција пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Емил Спасовски.

Тој посочи дека меѓу најзначајните резултати е усвојувањето на трите системски закони – Законот за административни службеници, Законот за вработените во јавниот сектор и Законот за стручно усовршување и обука на административните службеници.

Според Спасовски, со овие законски решенија се поставува нова рамка за поефикасно функционирање на администрацијата и се создаваат темели за професионална и модерна јавна служба, која ќе биде поблиска до граѓаните и подобро подготвена да одговори на нивните потреби.

Тој нагласи дека паралелно со законските измени, Владата работела и на подобрување на статусот на административните службеници.

„Во партнерство и дијалог со синдикатите се постигна историски договор преку колективните договори, со кој е обезбедено континуирано зголемување на платите на административците за 40 проценти до 2028 година“, рече Спасовски.

Тој оцени дека реформите не се сведуваат само на законски измени, туку имаат за цел и подобрување на условите за работа, како и мотивирање на административните службеници.

Спасовски порача дека определба на Владата е јавната администрација да биде сервис на граѓаните, а не бирократска пречка, најавувајќи продолжување на реформските процеси за создавање стабилен и функционален систем.