Од Основен Кривичен Суд Скопје информираат дека судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје, постапувајќи по предлог на одбраната на осомничениот М.С., поранешен претседател на Фудбалската федерација на Македонија, донесе решение со кое ја прифати понудената гаранција во износ од над 1.150.000 евра, која се состои од засновање хипотека врз недвижен имот и ја укина мерката притвор.
Истовремено, заради обезбедување на присуството на осомничениот во понатамошниот тек на постапката, Судот определи мерка на претпазливост – одземање на патната исправа.
-По предлог на Основното јавно обвинителство Скопје, на 24.04.2026 година на осомничениот му беше определена мерка притвор во траење од 30 дена, поради опасност од бегство и опасност дека ќе ја попречува истрагата со влијание врз сведоци. Мерката притвор подоцна беше продолжена со решение на Кривичниот совет, а поради постоење основано сомнение дека сторил кривично дело „Проневера во службата“ од член 354 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик, стои во соопштението на Основен Кривичен Суд.
По поднесениот предлог за укинување на мерката притвор со определување гаранција и добиено позитивно мислење од Јавниот обвинител, судијата на претходна постапка донесе решение со кое го уважи предлогот и ја прифати понудената гаранција, а со оглед дека против решението не беше изјавена жалба, истото стана правосилно, по што осомничениот е пуштен да се брани од слобода.
Адвокатот на Сејдини на социјалните мрежи напиша дека неговиот клиент излегува од притвор по 92 дена објавувајќи заедничка фотографија.




