Владата на Македонија, предводена од премиерот проф. д-р Христијан Мицкоски, е мултиетничка влада во која партиципираат припадници на речиси сите етнички заедници што се дел од мултиетничка Македонија и го отсликуваат нејзиниот мултиетнички концепт.
Во тој мултиетнички концепт свое автентично место имаат и претставниците на етничката заедница на Египќаните, како една од најлојалните етнички заедници во Македонија, која несомнено придонесува за развојот на демократските процеси во државата. Дополнителна вредност претставува и крајно пријателскиот и доверлив однос што е воспоставен со премиерот проф. д-р Христијан Мицкоски уште во времето кога ВМРО-ДПМНЕ беше во опозиција.
„НГИ Коалиција на Египќани“ е цврст, стабилен и стратешки партнер на ВМРО-ДПМНЕ и дел од коалицијата „Твоја Македонија“, која дава сигурност дека Египќаните нема да бидат асимилирани, туку дека ќе се обезбеди нивна етапна институционална интеграција, истакна лидерот на НГИ „Коалиција на Египќани“, дипломираниот правник Демир Далип, кој додаде:
– Во тој контекст, Египќаните, како посебна, автохтона и автентична етничка заедница, која се карактеризира со својата лојалност, конструктивност и посветеност на развојот на демократските процеси и европските вредности во Македонија, а која искрено сака да придонесе за поголемо остварување на правата и слободите, како и за интензивирање на институционално-интегративните процеси, особено за младите и образовани Египќани, треба да бидат дел од мултиетничката Влада предводена од проф. д-р Христијан Мицкоски.
Вклучувањето на Египќаните во Владата на премиерот Христијан Мицкоски претставува значајна демократска придобивка за Македонија и показател дека оваа Влада има цел да биде вистински мултиетничка. Во таа насока, ја поздравуваме и одлуката г. Зулфичар Зејнула од Турската демократска партија да биде нов министер без ресор, истакна Демир Далип.




