Министерот за здравство Сашо Клековски призна дека „црвените светла“ се запалиле со задоцнување во Гостивар. Клековски призна дека институциите задоцниле, ама не затоа што сакаше да ја каже вистината туку затоа што не може да ја сокрие непособноста, изјави Рената Младеновска – членка на Извршниот одбор на СДСМ, стои во соопштението од Социјалдемократскиот сојуз.
Но, претходно, да не се заборави дека во пожарот во модуларната болница во Тетово, кога изгореа живи луѓе, а министер за здравство беше сегашниот лидер на СДСМ, Венко Филипче, партијата која сега бара три оставки, тогаш го осуди само кабелот. Во продолжение интегрално соопштението од СДСМ:
Во болницата во Гостивар веќе помош побарале над 4.000 граѓаните, се разболеа затоа што „црвените светла“ на Мицкоски и Клековски се вклучија предоцна.
Ова признание на Клековски не ја намалува вината, туку ја потврдува. Ова е признание за целосен колапс на системот под водство на Мицкоски и неговата криминална организација.
Колку време му требаше на Клековски да признае дека задоцнија со реакција, дека потфрлија во тоа што е основна обврска на секоја Влада – да се грижи и да ги штити граѓаните?
22 дена Гостиварчани пиеле загадена вода – илјадници граѓани се разболеа.

Денови поминаа откако прогласија епидемија и дека водата е неисправна во повеќе населени места.
Денови поминаа откако уште во 6 други градови и населени места водата е исто така загадена.
Денови откако белата пена почна да тече низ Лепенец и Вардар. Денови откако институциите велеа дека ќе дојдат „за пет дена“ да ја проверат водата.
Кога веќе призна за Гостивар, Клековски треба да признае и за водата во Болницата за белодробни болести во Лешок, наместо да ги извртува фактите и да предизвикува катастрофа.
Анализата во Лешок е направена од Центарот за јавно здравје во Тетово, согласно Националната годишна програма. Резултатот е пратен до Агенцијата за храна и до Министерството за здравство.
Прашањето е дали постапиле овие институции кога го добиле резултатот или повторно црвените светла задоцниле? Дали се известени пациентите, персоналот, дали се презеле мерки за нивна заштита?
Или и во овој случај ќе се чека да поминат денови, па откако ќе ескалира проблемот ќе слушаме признавања дека системот затаил?
Опасни се изјавите на Клековски со кои сака да го релативизира проблемот.
Вели диспанзери имало во Лешок, а како се одржува хигиената во болницата? Со каква вода медицинскиот персонал ги мие рацете?
Со каква вода се одржува личната хигиена на пациентите што се хоспитализирани?
Ниту едно признание нема да ги заштити граѓаните ако по него не следуваат оставки и одговорност.
Признанието на Клековски не дојде од совест.
Дојде затоа што веќе секој граѓанин со свои очи ја виде вистината – оваа власт им го загрози здравјето, ја отру државата.
И сега, кога конечно признаа, кој ќе одговара за задоцнетите реакции, за загрозеното здравје на граѓаните?
Мицкоски? Клековски?
Граѓаните немаат ништо од ова признание за црвените светла. Не се виновни црвените светла, туку луѓето што носат одлуки. А одговорност сè уште никој не ја презема.
Мора да има целосно утврдување на одговорноста, оставки од Клековски, Андоновска, Миланов и итни контроли и анализи на квалитетот на водата во целата држава.
СДСМ




