Русија смета дека е прерано да се коментираат извештаите дека САД и Украина разговараат за евентуален прекин на воздушните напади како дел од напорите за завршување на војната, изјави денеска портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

Неговиот коментар следува по изјавата на украински функционер за Ројтерс дека претставници од Киев и Вашингтон разговараат за предлог што би и бил презентиран на Русија за прекин на воздушните напади како дел од новиот обид за оживување на мировните преговори насочени кон завршување на војната во Украина, која започна во 2022 година.

Украинскиот функционер вели дека неговата земја претходно му доставила предлози за прекин на огнот на рускиот претседател Владимир Путин, кои биле одбиени.

Сепак, Киев и неговите западни сојузници веруваат дека притисокот врз руската економија предизвикан од тековните украински напади со беспилотни летала и ракети можеби го омекнал ставот на Москва.

– Не знаеме колку се веродостојни овие информации и од каде доаѓаат. Ова се извештаи од весници, ништо повеќе. Затоа е прерано да се коментираат во оваа фаза, изјави Песков, цитиран од новинската агенција Интерфакс.

Тој додаде дека одговорот на Русија на која било нова мировна иницијатива ќе зависи од тоа дали е во согласност со интересите на Москва.

– Слушнавме изјави дека може да има некои нови формули. Сè уште чекаме да дознаеме повеќе за нив. Со текот на времето, веројатно ќе бидат предложени некои формули и предлози. Што ќе се случи ќе зависи од тоа колку тие одговараат на нашите интереси, рече портпаролот на Кремљ.

Песков повтори дека Москва одржува канали за дијалог со американските преговарачи.

Руската страна се надева дека американските претставници Стив Виткоф и Џаред Кушнер ќе ја посетат Москва кога ќе им дозволат распоредите и дека дијалогот со Вашингтон ќе продолжи.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски деновиве разговарал со Виткоф и Кушнер за изгледите за продолжување на разговорите со Русија, а во вторник заминува во Вашингтон на средба со американскиот претседател Доналд Трамп. (МИА)