Заклучно со денеска, во 2026 година во државата се регистрирани вкупно осум случаи на западнонилска треска, од кои седум се потврдени, а еден е веројатен – се наведува во најновиот извештај на Институтот за јавно здравје објавен на неговата веб-страница.

Потврдени се пет нови случаи во јули (кај два случаи почетокот на симптомите е во јуни, а кај еден во мај). Најновиот случај бил регистриран во четвртокот минатата недела. Од регистрираните случаи, а во согласност со дефиницијата на случај, седум се водат како потврдени, а еден како веројатен.

Регистрирани се шест автохтони случаи од Скопје и Велес и еден случај од Скопје со историја на патување во Грција, но инкубацискиот период покрива и престој во Македонија. Од регистрираните случаи седум се машки, а едно е женско лице. Во однос на возрасната дистрибуција, најголем број односно шест лица се на возраст над 60 години, а две се лица на возраст од 50 до 59 години.

Сите пациенти развиле потешки симптоми на централниот нервен систем и биле хоспитализирани. Од заболените, тројца се пуштени на домашно лекување,

Сите регистрирани случаи во 2026 година се кај лица кај кои е регистрирана невроинвазивна инфекција и сите биле хоспитализирани.

Западно-нилската треска првпат во Македонија е регистрирана во 2011 година. Во периодот од 2011 година до крајот на 2025 година, регистрирани се вкупно 54 лабораториски потврдени случаи. Во овој период се регистрирани пет смртни случаи асоцирани со оваа болест, стои во извештајот од ИЈЗ.

Западно нилска треска e вектор-пеносливо вирусно заболување предизвикано од вирусот западен нил (WNV) кое се одржува преку еден ензоотски циклус меѓу комарците (Culex, Aedes) и птиците (најчесто дивите птици). Луѓето и коњите се случајни, крајни домаќини на заболувањето. Инфекцијата меѓу нив се пренесува преку комарците. Луѓето и цицачите, а особено коњите се случајни домаќини и имаат ограничена улога во природниот циклус.

Луѓето најчесто се заразуваат по каснување од заразен комарец. Болеста од човек на човек не се пренесува, ако се исклучи можноста за пренесување преку трансфузија и трансплантација.

Периодот на инкубација вообичаено трае од три до 14 дена.

Околу 80 отсто од инфекциите кај луѓето поминуваат без манифестација на симптоми. Останатите 20 отсто симптоматски инфекции, најчесто се манифестираат како треска која поминува сама од себе, а помалку од еден отсто од инфекциите кај луѓе се манифестираат со сериозни форми, со тешка клиничка слика и се потенцијално смртоносни (пр. воспаление на мозокот, воспаление на мозочните обвивки или појава на парализи).

МИА