Француската полиција заплени речиси 165 килограми кокаин скриени во системот за климатизација во камион со холандски регистарски таблички, кој го запрела во регионот Бургундија на истокот од земјата, соопшти денеска царинската служба.

Возилото, управувано од 32-годишен Шпанец без претходно криминално досие, се движело на 17 јули за време на топлотниот бран, по автопатот А6 меѓу Бон и Шалон сир Сон, се наведува во соопштението за јавност, пренесува „Фигаро“.

Откако потврдиле дека во возилото има палети со зачини и шишиња со овошен сок, цариниците од Дижон забележале помал проблем со системот за климатизација. Обидувајќи се да го отворат клима-уредот во камионот, откриле скриена кеса која предизвикала сомнеж, а откако го демонтирале целиот систем, откриле бројни пакети кокаин во специјално конструирано скривалиште, со вкупна тежина од околу 165 килограми.

Возачот на камионот, кој молчел за време на полициската интервенција, бил спроведен во притвор, се вели во соопштението.

Царинските службеници во Франција во 2025 година запленија речиси 109 тони наркотици, чија вредност е проценета на речиси 2,2 милијарди евра, од кои повеќе од 1,5 милијарди евра била вредноста на запленетиот кокаин.