Армијата ќе се зајакне на едно највисоко ниво во историјата, рече денеска министерот за одбрана Владо Мисајловски во Штип, кој заедно со командантот на Првата пешадиска бригада, бригадниот генерал Дејан Чиплаковски, денеска беа во касарната „Јане Сандански“, во увид на реновираниот објект кој е дел од инфраструктурните проекти кои се реализираат во касарните низ државава.
– Во делот на модернизацијата, оваа година пробуваме да ги завршиме најголемите проекти, сите страјкери стигнаа во државата, очекувам дека до крајот на следниот месец комплетно сè ќе биде завршено за адаптација на тие возила каде што може да ги претставиме. Веќе се потпиша решението, каде што треба да се направи она што е потребно, да се стават во функција – додаде министерот.
Тој истакна дека до крајот на годината треба да стигнат и мистрал системите, како и два два хеликоптера, десет 10 оклопни возила од Турција…
– Имаме многу тендери за оружје, паралелно се работи тендерот за униформи, кој е во завршна фаза, и треба да стигнат преку 4.000 униформи. Во постапка е набавка и на околу 4.000 пара чизми. Имаме постапки со Европскиот мировен фонд – рече Мисајловски, додавајќи дека се прави и нов фонд за модернизација, со што ќе има можност за купување нови, современи системи, но и системи со поголема огнена моќ.
Мисајловски вели дека резултатите се видливи бидејќи, на секое поле, како во инфраструктурата, така и во модернизацијата, даваат сѐ од себе.
– Следната година ќе видите дека ќе има многу договори, каде што навистина ќе се зајакне Армијата на едно, би рекол, највисоко ниво во историјата. Но, чекор по чекор, тоа го работиме паралелно и ќе бидете сведоци на многу проекти – рече министерот Мисајловски.




