Собранието денеска во рамки на 97. седница ја избра Мери Дика Георгиевска за уставен судија. Дика Георгиевска беше избрана со 64 гласа „за“, ниту еден „против“ и ниту еден „воздржан“.
Во текот на расправата за збор во однос на предлогот се јави пратеникот Сали Мурати од Европски фронт, кој забележа дека има административни грешки во биографијата на Дика Георгивска и побара процедурално и формално, во име на Европскиот фронт оваа точка да се повлече од дневниот ред поради овие недостатоци, да се исправи со точна и верификувана хронологија, поткрепена со изворна документација, заедно со исправениот предлог до пратениците да бидат доставени дипломата, уверението за положен правосуден испит, доказите за стаж и останатата документација и потоа да се гласа по него.
-Пред да преминеме на гласање по оваа точка од дневниот ред, должен сум пред ова Собрание да укажам на конкретни и документирани противречности во предлогот што го имаме пред нас…Првата противречност е хронолошки невозможна ситуација. Во предлогот буквално стои дека кандидатката дипломирала на Правниот факултет „Св. Кирил и Методиј“ на 16.09.1987 година, а правосудниот испит го положила на 18.02.1987 година. Еве ги датумите. Значи, чекајте еден Сали Мурати да го открие ова, а ниту Комисијата за прашања на изборите и именувањата, ниту службите во Собранието не го забележале. Дали доликува во биографијата на една истакната правничка да стои ваква грешка? Продолжувам. Не е само ова. Почитувани колеги, тоа значи дека, според овој предлог, кандидатката положила правосуден испит седум месеци пред да дипломира. Тоа е невозможно. Правосудниот испит не може да се полага без претходно стекната диплома по право. Оваа противречност не бара правна анализа, туку само внимателно читање. Oчигледно, никој не го прочитал внимателно овој документ – истакна Мурати.
Втората противречност, како што додаде е работното искуство пред дипломирањето.

-Во истиот предлог стои дека кандидатката своето долгогодишно искуство го започнала како адвокатски приправник од 1 ноември 1985 година. А дипломирала во 1987 година. Тоа значи дека, според документот, стекнала правно работно искуство речиси две години пред да ја стекне дипломата по право. Станува збор за кандидат за уставен судија. Мора да бидете внимателни при подготовката на ваков предлог. Оваа констатација, вака напишана, е правно и фактички неодржлива. Се повредува владеењето на правото и принципот на правната сигурност. Понатаму, сакам јасно да кажам пред Собранието дека ова не е критика кон почитуваната кандидатка. Лично ја познавам Мери Дика Георгиевска. Таа е истакнат правник со четириесетгодишно правно искуство и дваесет и девет години судиски стаж – од основен до апелационен суд. Имаме работено заедно и сме соработувале. Таа заслужува сериозна, уредна и достоинствена постапка пред ова Собрание. Некој недостоинствено го подготвил овој предлог – изјави Мурати.
Претседателот на Судскиот совет, Алекандар Камбовски истакна дека се работи за очигледна техничка грешка, која веќе е исправена во Судскиот совет и нагласи оти не му е познато зошто исправката сè уште не е доставена до Собранието.
По изборот, Мери Дика Георгиевска даде свечена заклетва пред пратениците во Собранието, со што и официјално ја презеде функцијата судија на Уставниот суд. Мери Дика Георгиевска е дипломиран правник на Правниот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, каде дипломирала во 1985 година, а магистерските студии по правни науки ги завршила на Универзитетот „Американ Колеџ“ во Скопје во 2014 година.
Правосудниот испит го положила во 1987 година. Кариерата ја започнала како адвокатски приправник и стручен соработник, а потоа работела како адвокат во сопствена канцеларија. Од 1996 до 2005 година беше судија во Основниот суд Скопје II, а потоа продолжи како судија во Апелациониот суд Скопје. Од 2012 до 2018 година беше член на Судскиот совет, по што се врати во Апелациониот суд. Во 2023 година беше избрана за претседател на Апелациониот суд Скопје. Во својата кариера била претседател на стопанските оддели во Основниот и во Апелациониот суд, а говори и англиски јазик.




