Со невообичаени прашања од типот „каква боја е вратоврската што ја носите“, американскиот сенатор Џош Холи го започна вчерашното испрашување на поранешниот директор на Националниот институт за алергија и инфективни болести на САД, Ентони Фаучи, за време на сослушувањето во американскиот Сенат, обидувајќи се да го истакне апсурдот на неговото континуирано одбивање да сведочи повикувајќи се на Петтиот амандман од Уставот.
Сенаторите од редовите на републиканците го обвинија Фаучи за презир кон Конгресот и богатење за време на пандемијата, посочувајќи дека неговото повикување на правото да не сведочи е незаконско поради претходно добиено претседателско помилување.
На прашањата од сенаторот Холи кој ден од неделата е, каква боја е неговата вратоврска и каква боја е тепихот пред него, Фаучи постојано го даваше истиот одговор. – По совет на мојот правен застапник, со должна почит одбивам да одговорам врз основа на моите права согласно Петтиот амандман од Уставот – изјави Фаучи.
Реагирајќи на ваквите одговори, Холи истакна дека Фаучи нема право да се повикува на Петтиот амандман, бидејќи, како што рече, тој веќе е помилуван од страна на претходниот претседател на САД, Џо Бајден, повикувајќи се притоа на одлука на Врховниот суд од 1896 година.
– Кога некој е помилуван, тој не може да се повикува на таа привилегија. Вие го знаете тоа. Вашите адвокати што седат зад вас и нервозно се поместуваат на столчињата го знаат тоа. Овде не се работи за Уставот. Не се работи за законот. Се работи за непочит. Непочит кон ова тело и непочит кон американскиот народ – рече Холи.
Сенаторот дополнително го обвини Фаучи дека одбива да одговори затоа што „правел секакви страшни работи“ и остварил лична финансиска корист за време на здравствената криза.
– Се обогативте додека луѓето умираа, стотици илјади Американци, преку еден милион на крајот. И не само што го правевте тоа, туку користите сојузни службеници и пари од даночните обврзници за да аплицирате и да барате парични награди за вас лично. Парични награди во вкупен износ од над еден милион долари – нагласи Холи.

На сослушувањето, сенаторот Ренд Пол го предупреди Фаучи дека може да има последици поради одбивањето да сведочи во рамки на конгресната истрага. Тој појасни дека претходниот претседател на САД, Бајден, му дал широко помилување кое што се протега назад до 2014 година, но, како што рече, помилувањето не ја препишува историјата и не го спречува Конгресот да утврди што се случило.
– Претседавачот го одби вашето повикување на привилегија и ви наложи да одговорите, но вие сепак одбивате и се повикувате на привилегијата и покрај постоењето на помилувањето. По ова сослушување, Комисијата ќе мора да разгледа кои соодветни мерки треба да се преземат против вас поради несведочењето откако ви беше наложено да го сторите тоа. Противзаконски е да се попречува истрага на Конгресот. Ќе има последици за вашето денешно одбивање да сведочите – рече Пол.
Осврнувајќи се на справувањето со пандемијата, сенаторот Пол истакна дека тајноста, ароганцијата и цензурата ја уништуваат довербата на јавноста.
– Довербата не може да се нареди, таа мора да се заслужи. Ниту еден научник не е надвор од детална анализа, ниту еден владин функционер не е надвор од одговорноста и ниту еден јавен службеник нема право да го третира страдањето на милиони Американци како фуснота во својата претпочитана верзија – додаде Пол.
Жестоки критики кон Фаучи упати и сенаторот Берни Морено, којшто рестриктивните политики за време на пандемијата ги оцени како срамни за државата. – Тие политики беа воведени, бидејќи имавте идиотски политичари кои ги слушаа зборовите на еден мегаломан, кој повеќе го интересираше да се запознае со некоја од семејството Кардашијан отколку страдањето на американскиот народ, а тоа сте вие – рече Морено.
Тој потсети на случајот со апсењето на мајка, која гледала фудбалски натпревар со своето семејство на отворено, истакнувајќи дека токму таквите ситуации го мотивирале да ја напушти бизнис-кариерата и да влезе во политиката.
Републиканците подолг период тврдат дека Националниот институт за здравство финансирал истражувања за т.н. „gain-of-function“ во Институтот за вирусологија во Вухан, кои, според нив, придонеле за појавата на пандемијата бидејќи токму во лабораторијата е овозможено вирусот да биде попренослив меѓу луѓето и посмртоносен.
Фаучи беше еден од главните советници на американските власти за време на пандемијата на Ковид-19 и ја предводеше Националната институција за алергија и инфективни болести речиси четири децении. Републиканците со години го критикуваат неговото постапување за време на пандемијата и неговите искази пред Конгресот, додека тој ги отфрла обвинувањата дека институцијата што ја раководел финансирала истражувања што довеле до појава на коронавирусот.
Федералните истраги досега не донесоа конечен заклучок за потеклото на вирусот, а не е утврден доказ дека тој бил генетски модифициран и испуштен од лабораторија.
МИА




