Министерот за одбрана Владо Мисајловски, денеска, на промоцијата на 26. класа студенти/питомци во чин потпоручник и слушатели на курсот за офицери во чин поручник во Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ во касарната „Гоце Делчев“ порача дека новата генерација офицери претставува инвестиција во иднината на македонската Армија, но и во безбедноста на државата.
На свеченоста беа промовирани вкупно 36 питомци од Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“, еден питомец од престижната Воена академија „Вест Поинт“, како и 16 слушатели на шестиот курс за офицери, кои ги добија чиновите потпоручник и поручник.
– Денешната промоција претставува инвестиција во иднината на македонската армија, но и во безбедноста на нашата татковина. Во иднината на армијата денес се промовираат 36 питомци на Воената академија и еден питомец на престижната Академија „Вест Поинт“ во изминатите четири години. Посветено вложуваа во своето знаење и благодарение на дисциплината и истрајноста успешно одговорија на мисијата – рече Мисајловски.

Министерот им изрази почит на новите офицери, но и на нивните семејства и на кадарот на Воената академија, кои, како што посочи, во изминатите години им биле силна поддршка. Мисајловски истакна дека во текот на четиригодишното образование питомците изградиле меѓусебна доверба, почит и пријателство, вредности, кои, според него, ќе ги следат во текот на целата нивна професионална кариера.
– Денешниот ден претставува круна на вашата четиригодишна упорност, но и почеток на уште поголеми предизвици. Особено ме радува фактот што офицерскиот кор дополнително се зајакнува со уште 16 млади, мотивирани и амбициозни луѓе, кои го завршија шестиот курс за офицери на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ – рече Мисајловски.
Со промоцијата тој истакна дека новите поручници и потпоручници стануваат офицери, лидери и носители на довербата на државата.
– Од денеска вие заедно сте офицери, лидери, носители на довербата на државата и чувари на највисоките вредности врз кои почива секоја професионална армија. Да се биде офицер, значи да се биде пример за сите. Од денеска токму вие ќе бидете препознатливи по чесноста, интегритетот, носењето тешки одлуки кога е најпотребно, по преземањето одговорност тогаш кога другите се двоумат и по способноста да ги ставите интересите на својата држава и на своите единици пред сопствените интереси – истакна Мисајловски.
Според него, силата на Армијата не произлегува само од современото вооружување, туку пред сè од луѓето, нивната чест, професионалност, лојалност и подготвеност да ја исполнат должноста кон татковината. Се осврна и на историската улога на младите посочувајќи го примерот со Илинденското востание од 1903 година кога, како што рече, многумина од учесниците биле млади луѓе, кои верувале во иднината.
– Армијата отсекогаш била една од најпочитуваните институции во државата. Нејзината сила не произлегува само од современото вооружување, туку пред сè од луѓето, од нивната чест, професионалност, лојалност и подготвеност да ја исполнат својата должност кон татковината. Денеска, во едно поинакво време и во сосема други околности, вашата генерација има еднакво важна мисија: да биде гарант на мирот, стабилноста и на безбедноста за сите граѓани во својата земја – рече Мисајловски.
Тој нагласи дека современите закани не познаваат граници и бараат заеднички одговор, партнерство и доверба, а членството во НАТО, според него, претставува повеќе од безбедносна гаранција.
– Токму затоа членството во НАТО претставува повеќе од безбедносна гаранција – тоа е заедница на вредности, знаење и солидарност. Со денешната промоција вие сте дел од новата генерација офицери, кои ќе работат рамо до рамо со своите колеги од земјите сојузници, ќе учествуваат во заеднички обуки, вежби и операции и мисии и заедно ќе придонесувате кон регионалната и глобалната безбедност – рече Мисајловски.
Пред новите офицери, додаде, се отвораат можности за професионален развој и усовршување на престижни воени школи во земјите сојузници упатувајќи благодарност до семејствата на новите офицери, како и до професорите и инструкторите во Воената академија.
– Искористете ги тие вештини и инвестирајте во своето знаење бидејќи најсилното оружје на современиот офицер е неговиот ум. Упатувам искрена благодарност до сите што учествуваат и се дел од Воената академија. Нивната мисија не беше само да ве научат на воените вештини, тие создаваат лидери, градат карактер и ја пренесуваат традицијата на офицерската професија. Ви честитам за постигнатата промоција и ви посакувам мирна служба и успешна кариера – истакна Мисајловски. (МИА)




