Премиерот Еди Рама денеска на испораката на првите 40 тактички возила за албанската армија произведени во земјата, изјави дека една од стратешките цели на Албанија во областа на одбраната сега стана реалност, бидејќи првата флота возила произведени дома според стандардите на НАТО е ставена на располагање на вооружените сили.

Според него испорака на возилата, произведени во Албанија, од страна на компанијата „Тимак Дифенс“, претставува историски момент за земјата и за албанската армија.

Рама рече дека „денеска она што беше во визијата и во пишаната стратегија е видливо со очи. Флотата произведена во Албанија за нашите вооружени сили, произведена според стандардите на НАТО, произведена од албански професионалци, штотуку почна да се става на располагање на албанската армија“.

Изрази убедување дека до 2028 година Албанија ќе го има целиот свој воен капацитет и дека на вооружените сили нема да им недостасува ништо, од најлесните возила до најсофистицираното оружје, нагласувајќи дека  „нема да има ниту едно возило на четири тркала што ќе им недостасува на вооружените сили, ќе има голема флота возила според стандардите на НАТО“.

Рама зборуваше и за поголема амбиција, кога рече дека не треба да бидеме изненадени ако еден ден и ние ја снабдуваме американската армија со „Произведено во Албанија“.

-Имаме договори со гиганти од воената индустрија и немојте да се изненадите кога еден ден повторно ќе дојдеме тука и ќе изложиме работи произведени тука, кои ќе ги дадеме и на американската армија, производи произведени во Албанија. Замислете американски војник со производ направен во Албанија, кој би го замислил тоа пред години. Ова е другата Албанија што ја изградивме и ќе почне да дава други приноси и производи, рече тој.

Според него државната компанија „KAYO“ ќе биде во центарот на развојот на новата одбранбена индустрија во Албанија, нагласувајќи дека владата има за цел да произведува што е можно повеќе воена опрема и алатки во земјата, набрзо и суперинтелигенти дронови.

Компанијата KAYO, додаде,  е компанија со 100 отсто државен капитал, создадена за координирање на развојот на одбранбената индустрија и преговарање за сите договори со странски партнери.

Фото: скриншот