Во над 50 населени места во Македонија водата не е безбедна за пиење а листата расте секој ден. Гостивар, Крушево, Валандово, Булачани, Пласница, Лешок, Преглово, Маврово, Рич, Белотино, Башино Село, Елшани, Велестово, Ново Село, Сушица, Зубово, Државо, Гарани, Шутово и уште многу други места. Во Гостивар има ризик од епидемија на жолтица, стои во соопштението на СДСМ од прес-конференцијата на Маја Серафимовска Борозан.
Соопштението го објавуваме интегрално, со напомена, дека 7 години додека СДСМ беше на власт „имавме безбедна вода, безбедни автобуси, безбедни модуларни болници… но, за две години сегашната власт им ја замати водата насекаде, а СДСМ додека беа власт ја „прочистувале“ со криење и непостапување по стотици пријави за нездрава вода за пиење“.
Но, ако тогаш молчеле, и ако тогаш кабелот беше крив за се, сега се гласни, во продолжение нивното денешното соопштение интегрално:
И власта повторно задоцни со реакција. Иако претседателот Филипче уште пред 2 недели алармираше за ризикот од жолтица, власта дури вчера излезе со препораки за превенција и откривање симптоми.
Се уште не се објавува извештај за водата во Гостивар, кој одобри, потпиша и кој гарантира дека „техничката вода“ е безбедна. А Мицкоски и Клековски даваат спротивни изјави. Клековски вели до крај на неделата водата во Гостивар ќе може да се пие а Мицкоски вели има нова бактерија.
Ова е тотален институционален колапс. Резултат на неспособност, небрежност и целосно игнорирање на основните потреби на граѓаните од страна на тендер-патриотитe.
Додека Мицкоски отвора базени и оди на „екскурзии“, а Клековски држи прес-конференции, илјадници луѓе се разболуваат, а цела држава се претвора во зона на ризик. Пола Македонија е без безбедна вода за пиење. А одговорен сè уште нема. Ниту еден.
СДСМ бара:
• Итна и целосна одговорност – политичка и кривична
• Јавно објавување на сите анализи и причини за загадувањето на водата
• Итна интервенција и обезбедување чиста вода за сите засегнати населени места
Македонија не смее да биде држава во која основното човеково право – чиста вода за пиење е луксуз.
СДСМ Центар за комуникации со јавноста




