По повод националниот празник 2 Август – Илинден, Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ) упати честитка во која се нагласува дека Илинден е најсветлиот ден во македонската историја и траен симбол на вековната борба за слобода, правда, достоинство и национален опстанок.

Во честитката, потпишана од претседателот на МАЕИ, Васил Стерјовски, се истакнува дека без разлика каде живеат, Илинден ги обединува сите Македонци, околу заедничките вредности – љубовта кон Македонија, зачувувањето на националниот идентитет, македонскиот јазик, културата и историското наследство.

„Илинден нè потсетува на херојството и саможртвата на илинденците од 1903 година, како и на државотворните идеали на АСНОМ од 1944 година. Тоа е празник што ги обединува сите Македонци, без разлика каде живеат, околу заедничките вредности – љубовта кон Македонија, зачувувањето на националниот идентитет, јазикот, културата и историското наследство“, се наведува во честитката.

МАЕИ нагласува дека за Македонците во Албанија, Илинден има особено значење, бидејќи претставува поттик за продолжување на напорите за заштита и унапредување на националните права, еднаквоста и зачувувањето на македонскиот идентитет.

„За нас, Македонците во Албанија, Илинден претставува неисцрпна инспирација да продолжиме достоинствено да се бориме за заштита и унапредување на нашите национални права, за еднаквост, почитување и зачувување на македонскиот идентитет за идните генерации“, се истакнува во честитката.

Се упатува повик духот на Илинден да биде водилка кон поголемо единство, солидарност и заедничко дејствување во интерес на македонската заедница.

„Нека духот на Илинден нè води кон единство, солидарност и нови успеси во остварувањето на нашите заеднички цели. Честит Илинден, порачуваат МАЕИ.

Фото: МАЕИ