Дарко ЈАНЕВСКИ

(текстот е преземен од ФБ профилот на авторот и не ги одразува нужно ставовте на Денешен.мк)

Востанието почнало, а селаните муслимани од некое село близу Крушево избегале. Селото останало празно. Питу влегол, зел брашно и сирење и со натоварените коњи отишол кон гладното Крушево да ја подели храната.

Мајка му и жена му Евгенија побарале за нив, и за нивните деца, децата на Питу. Тој рекол – не може! Па зар ова не се твои деца, зар јас не сум твоја мајка, зар ова не е твојата жена, го прашала мајка му. Не, мојата мајка е Македонија, рекол Питу.

И ја поделил храната на крушевчани. За потоа да отиде да загине. Знаел дека тоа ќе се случи, дека децата ќе му останат сираци. Затоа им рекол на неговите четници дека ги ослободува од обврската да се борат. И да умрат за Македонија. Не знам колкумина го послушале. Веројатно ниту еден. И сите загинале.

Злата и Цветко ги оставиле своите тела на Слива. Меѓу 40-те востаници. Се бореле неколку часа. И ги задржале четите на Бахтијар паша. За тие неколку часа, колку што самоосудените на смрт се бореле, голем број крушевчани успеале да избегаат.
И така да се спасат од крвавата одмазда на Бахтијар паша.

Денес има стотици нивни потомци, кои едноставно не би постоеле да не биле Злата и Цветко, да не биле тие 40 востаници кои останале да умрат.

А не морале. Можеле и тие да се обидат да побегнат. Зошто да не? Зар би ги осудил некој? Не, но тие останале. Да загинат. За други да се спасат.

Злата и Цветко ги нашле пресечени со сабја. Прегрнати. Тоа е илинденската љубовна македонска трагедија. Не е ни на Софија, ни на Брисел, ни на Вашингтон, Париз, Берлин, Москва… не е ничија. Таа е наша, македонска. Таа е коскената срж на оваа земја, коскена срж на некои од нас, која секој ден се обидуваат да ни ја извадат.

И не верувам дека ние денес имаме капацитет таа илинденска филозофија да ја разбереме. Тој поглед на себе и на светот на тие луѓе, наши предци. Ние, едноставно не сме способни за тоа.

Нашата еволуција не одела напред, туку еволутивно, нашиот ментален склоп назадувал. И затоа, ние нема да ги разбереме ни Питу, ни Карев кој заминал, но се вратил во 1905 за да загине, нема да ги разбереме четниците на Питу, нема да ги разбереме Злата и Цветко и востаниците на Слива.

А не е само Илинден. Во една од селата во Леринско, четата на ВМРО наишла на локален благајник кој украл од парите собрани за Организацијата, запишал Христо Силјанов во своето сведоштво за 1901/02. По кратка постапка бил осуден на смрт.

Побарал, замолил, кога веќе е сигурно дека ќе умре и дека за украдени пари нема прошка, дека нема притвор од дома со танчерки в скут, како денес што определуваат нашите судии и обвинители кои бараат по 3000 евра плата, значи замолил да му се даде пиштол, да отиде во Битола и да го убие валијата.

Потоа стражарите би го убиле него, значи смртта не му бега, но со тоа ќе издејствувал барем името да му биде впишано во листата на херои, а не во листата на крадци на народни пари и во листата на предавници на Организацијата и на Македонија.

Така било во тоа време.

Што мислите? Му било дозволено? Не. Му рекле – не заслужуваш ти такво нешто. Не заслужуваш ни куршум да се троши на тебе. И затоа бил заклан. Тука, на лице место.

Сепак и покрај тој ментален склоп на Питу, на неговите четници, на Злата и Цветко, на востаниците од Слива и да не ги набројувам сега сите, од Гоце, Даме па натаму… тоа веќе сум го правел многу пати, Македонија била поразена. И распарчена. Зошто? Затоа што оние, кои биле како денешниве гушкачи на ГТЦ, како денешниве маратонци по европски и УСАИД пари за да се смени името на државата, за да се предаде Македонија, а сега за да се внесат Бугарите во Устав, за потоа, при првата бугарска блокада да кажат – па голема работа ако прифатиме дека Гоце бил Бугарин, затоа што таквите и во тоа време ги имало како плева. На таквите, лани им сметаше и споменикот на Турунџе и тоа се истите тие кои додека него го воделе на бесилка, седеле во кафеана, пиеле пиво и се смееле велејќи дека тој е будала.

И на сето тоа се надоврзува и голата вистина дека ние никогаш нема да ги сфатиме ни Ченто, Кузман, Кочо Рацин, Шатев, Брашнаров… чии потомци денес би имале куќа на Водно и би биле размазени членови на ова општество.

А децата на Питу, неговата сопруга, сите до еден имале лоша судбина. Но, неговото име, нивното име се помни. Дали некој ги помни имињата на децата на Коте, оној предавник на Македонија кој беше поткупен од Германос Каравангелис и кој му ги испрати децата на школување во Атина? Не, не се тоа истите деца кои добија 40 000 долари за школување во Хаг додека министерка беше великата професорка Дескоска. Не, ова се други деца. И, навистина, што е со нив, со нивните потомци? Ништо! Тие се само потомци на еден предавник, кој беше предаден на бесилка токму од тие кои го поткупија. Но, во неговиот случај барем имало некаква вселенска правда. Што правиме со денешните предавници? Ќе ја чекаме вселенската?

Како и да било, а не знам како ќе биде натаму, за крај на овие илинденски редови, не останува ништо друго освен да ги повторам неверојатните зборови од уводот на текстот на МИА за саможртвата на Питу Гули:

„Наместо романтизирана и далечна историја, има неколку историски четива кои нè соочуваат со суровиот, но фасцинантен човечки фактор зад македонскиот бунт од 1903 година. Ова е обид тоа да се стори и со улогата на Питу Гули деновите непосредно, за време и по Илинденско востание потпрено директно на фактите и мемоарите собрани во книгата „Питу Гули“ од Кочо Топузоски. Низ призмата на овие автентични сведоштва, Илинденската епопеја и Крушевската Република престануваат да бидат само празни пасуси во учебниците и оживуваат како динамично, провокативно и крајно потресно револуционерно сведоштво. Она што следува е приказна за идеали во кои смртта се прифаќа со насмевка, но и за длабоките надворешни и „внатрешни игри“ што ја одредија судбината на еден цел град, а потоа и на Македонија.“

Да, Илинден е настан во едно време кога смртта се прифаќала со насмевка. И секој обид тоа да и го објасните на денешната македонска бедотија, а кога велам „бедотија“ не мислам на пари и на материјални богатства, туку зборувам за духовната македонска бедотија, однапред е осуден на неуспех. А, ние, или ќе ја победиме таа бедотија или ќе завршиме како тие од 1903 година, заедно со Македонија.

Недела попладне е, 2 август 2026 година, и овие редови ги пишувам во нормално време. Некаде три-четири часот. Нема чоколада од децата, нема сладолед, и како замена баш би ставил една жолта, онака „комитски“, за потоа, како секој просечен Македонец да се удирам в гради, ама не сум купил! А, згора на тоа, ми ја забранија сите можни лекари на овој свет. Заедно со цигарите. Паметно.

Без оглед на тоа што некој би прашал: А зошто? Е, па затоа. Затоа што некои работи се такви и не треба да се објаснуваат. Како кокичињата во февруари, ластовиците во март, цветовите на дрвјата во април, црешите во мај. Оние без црви, се разбира.

Ете, овој пат, тоа е тоа. До следната недела. И нека ви е честит и среќен Илинден!